Откако заврши со молитвата Ангел Господов, Папата повика на почитување на Олимпиското примирје за време на Зимските олимписки игри Милано-Кортина во 2026 година. Тој, исто така, ги упати своите мисли до народите на Мозамбик, Португалија и Италија, каде што поплавите и циклоните предизвикаа голема материјална штета и жртви во последните денови. На крајот, тој повика на молитва за повеќе од 200 луѓе кои загинаа во неодамнешното лизгање на земјиштето во Демократска Република Конго.
Во недела, 1 февруари 2026 година, по молитвата на Ангел Господов, папата Лав XIV потсети на Олимписките и Параолимписките игри во Милано и Кортина во 2026 година, кои ќе се одржат од 6 до 22 февруари, и изрази надеж дека овој настан, како што се случило во минатото, ќе донесе прекин на огнот во сите вооружени конфликти во светот. Тој нагласи:
Следниот петок ќе започнат Зимските олимписки игри Милано-Кортина, по што ќе следат Параолимписките игри. Им честитам на организаторите и на сите спортисти. Овие големи спортски настани се силна порака за братство и ја обновуваат надежта за свет каде што преовладува мирот. Ова е значењето на Олимпиското примирје, древен обичај што ги придружува Игрите.
Потоа Папата им се обрати на оние кои имаат одговорност за донесување одлуки, повикувајќи ги да имаат храброст да преземат чекори за мир и дијалог:
Се надевам дека оние кои во срце го имаат мирот меѓу народите и кои се на позиции на власт ќе знаат како да направат конкретни дела за прекин на огнот и дијалог во оваа пригода.
Молитва за жртвите од свлечиштето во Киву
Потоа Римскиот бискуп изрази сочувство за повеќе од 200 луѓе кои загинаа во лизгање на земјиштето во Демократска Република Конго во Африка, предизвикано од обилните дождови во наоѓалиштето колтан во Рубаја:
Се молам за бројните жртви од свлечиштето во рудникот во Северен Киву, Демократска Република Конго. Господ нека ги поткрепи овие луѓе кои толку многу страдаат.
Мисли упатени до народите на Мозамбик, Португалија и Италија
Светиот Отец, исто така, повика на молитва за народите на Мозамбик, Португалија и Италија, земји кои беа погодени од силни циклони и поплави во последните денови. Околу 400.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови, а повеќе од 130 луѓе ги загубија животите во африканската земја, додека јужна Италија беше погодена од циклонот Хари, кој предизвика голема материјална штета. Португалија беше погодена од бурата Кристин, која одзеде најмалку пет животи. Затоа Папата рече:
Исто така, се молам за починатите и за сите оние што страдаат од бурите што ги погодија Португалија и јужна Италија во последните денови. Да не го заборавиме населението на Мозамбик, кое тешко погодено од поплавите.
Италијански национален ден на жртвите од војната
Папата Лав XIV на крајот потсети на Националниот ден на цивилните жртви на војните и конфликтите во светот, кој оваа недела се слави во Италија, а кој беше востановен од Парламентот во 2017 година со цел да се зачува споменот на загинатите во војните што се случија во минатото и да се подигне свеста за драматичната состојба на луѓето кои сè уште страдаат поради вооружени конфликти низ целиот свет. Во исто време, истакна:
За жал, оваа иницијатива е сè уште трагично релевантна денес. Цивилните жртви на вооружени конфликти, кои отворено го кршат моралот и законот, се бројат секојдневно.
Само мирот, заклучи Папата, може навистина да го почитува споменот на бројните жртви на толку многу неправди низ целиот свет.
Ватикан њуз/к.мк

