Во своето прво пладневно обраќање со молитвата Ангел Господов во 2026 година, Папата повика да го усвоиме стилот Божји на кој нè потсети Јубилејот: преобраќање на срцето, простување на неправдата и претворање на болката во утеха. На Светскиот ден на мирот, тој го обнови својот апел за мир, прво меѓу луѓето погодени од конфликти и беда, но и во нашите домови и во семејствата повредени од насилство и страдање.
Папата Лав XIV ја предводеше молитвата Ангел Господов во четврток, 1 јануари 2026 година, со верниците и ходочесниците собрани на плоштадот Свети Петар. Пред молитвата, Папата потсети дека Господ нè повикува конечно да започнеме период на мир и пријателство меѓу сите народи, бидејќи, како што рече, без оваа желба за добро, немаше смисла да ги вртиме страниците од календарот и да ги пополнуваме нашите дневници. Тој нагласи:
Јубилејот, кој се ближи кон крајот, нè научи како да негуваме надеж во еден нов свет: преку свртување на нашите срца кон Бога, за да можеме неправдите да ги претвориме во прошка, болката во утеха, а одлуките за доблест во добри дела. На овој начин Бог престојува во историјата и ја чува од заборав, давајќи му го на светот Спасителот – Исус. Тој е Единородниот Син кој станува наш брат, просветлувајќи ја совеста на луѓето со добра волја за да можеме да изградиме иднина како гостопримлив дом за секој маж и жена што доаѓаат во светлината.
Римскиот епископ додаде дека Бог, добриот Создател, отсекогаш го познавал срцето на Марија, но и нашето. Станувајќи човек, ни го открива своето срце кое чука за секој маж и секоја жена – за оние кои се подготвени да го прифатат, како пастирите, и на оние кои го отфрлаат, како Ирод. Неговото срце не е рамнодушно кон оние кои немаат срце за својот ближен: чука за праведните, за да истраат во својата посветеност, и за неправедните, за да го променат својот живот и да најдат мир. Притоа, тој нагласи:
На овој ден, да се помолиме сите заедно за мир: пред сè меѓу народите закрвавени од војни и беда, но и во нашите домови, во семејствата ранети од насилство и болка. Уверени дека Христос, нашата надеж, е Сонцето на правдата кое никогаш не згаснува, со доверба повикуваме за застапништво на Марија, Мајка Божја и Мајка на Црквата.
По молитвата Ангел Господов на сите собрани Светиот Отец уште еднаш им го честиташе првиот ден од новата 2026 година и потсети:
Од 1 јануари 1968 година, по желба на папата Свети Павле VI, денешниот ден се слави како Светски ден на мирот. Во мојата порака сакав да го повторам поздравот што Господ го вдахнови во мене кога ме повика на оваа служба: „Мир со сите вас!“ Мирот што разоружува и разоружувачки, кој доаѓа од Бога, е дар на неговата безусловна љубов, доверен на наша одговорност. Драги пријатели, по Христова благодат, да почнеме денес да градиме година на мир, разоружувајќи ги нашите срца и воздржувајќи се од секакво насилство.
На почетокот на годината, кога се одбележуваат осумстотини години од смртта на Свети Фрањо, папата Лав XIV го заврши своето обраќање со зборовите на благослов, земени од Светото Писмо: „Господ нека ве благослови и нека ве чува; нека ве осветли со лицето Свое, нека ви биде милостив; нека го сврти погледот Свој и нека ви даде мир“.
Ватикан њуз/к.мк

