Папата Лав: Фалоспевот на Марија – „Величај го душо моја Господа“ – ја зајакнува нашата надеж

Папата Лав: Фалоспевот на Марија – „Величај го душо моја Господа“ – ја зајакнува нашата надеж

За време на светата Литургија во Кастел Гандолфо, на празникот Успение на Пресвета Богородица, Папата Лав XIV размислуваше за тоа како кажанот „да“ на Марија и денес ни дарува надеж, нагласувајќи дека го славиме Пасхалното Откупително Таинство на Исус, кое го промени текот на историјата.

„Песната на Марија – Величај – ја зајакнува надежта напонизните, гладните и верните слуги Божји.“

Папата Лав XIV го истакна ова во проповедта на светата Литургија по повод празникот Успение на Пресвета Богородица, која ја служеше на 15 август 2025 година, во Папската парохија „Свети Тома од Виланова“ во Кастел Гандолфо.

Светиот Отец ја започна проповедта со забелешка дека иако денот не е недела, „во поинаков облик ја славиме Пасхалната Тајна на Исус, која го промени текот на историјата“.

„Во Марија од Назарет“, продолжи тој, „ја препознаваме и нашата сопствена историја – историјата на Црквата, вградена во заедничката судбина на човештвото. Примајќи во себе човечко тело, Богот на животот и на слободата ја победи смртта.“

Папата потсети дека во овој празник контемплираме како Бог ја победува смртта секогаш соединувајќи се со нас. „Негово е Царството, а наше е да кажеме „да“ на Неговата љубов, која има сила да преобрази сè.“

На Крстот, рече Папата, Исус слободно го изрече тоа „да“ со кое ја одзема власта на смртта – смртта што се шири таму каде што нашите раце се распнуваат, а срцата се затвораат од страв и недоверба. На Крстот победи довербата, љубовта што гледа кон она што претстои и простувањето што триумфира.

„Да“ кое продолжува да живее

Папата потсети дека Марија стоеше под Крстот, обединета со својот Син. „И ние сме како Марија, секогаш кога остануваме, кога го прифаќаме Исусовото „да“ како свое.“

„Тоа „да““, нагласи Папата, „продолжува да живее и да се спротивставува на смртта во мачениците од нашето време, во сведоците на верата и правдата, на кротоста и мирот. Така, овој ден на радост станува и ден што нè повикува да избереме – како и за кого ќе живееме.“

Папата потсети на евангелскиот дел за Посетата, каде што свети Лука го запишал „пресудниот миг“ од повикот на Марија.

Величај

„Додека го славиме крунисувачкиот миг од нејзиниот живот“, рече Папата, „убаво е да се навратиме на тој ден.“

Иако забележал дека „секоја човечка приказна, дури и онаа за Богородица, е кратка на оваа земја и завршува“, тој продолжил да размислува: „Сепак, ништо не е изгубено. Кога еден живот завршува, неговата единственост сјае уште појасно.“

Тој објасни дека Величај кое го изрече Марија зрачи со светлината на сите нејзини денови, а изненадувачката плодност на неплодната Елисавета ја потврди со нејзината довербата, бидејќи „таа ја предвиде плодноста на своето „да“ – плодност која се протега на плодноста на Црквата и целото човештво секогаш кога Божјото Слово е примено со отвореност“.

Бог го пробива очајот

Размислувајќи за празникот, Светиот Отец рече дека Воскресението и денес навлегува во нашиот свет.

„Зборовите и изборите на смртта може да изгледаат како да преовладуваат, но Божјиот живот го пробива очајот преку братство и нови гестови на солидарност. Воскресението уште овде, пред да биде конечна судбина, го преобразува – во душата и во телото – нашето земно постоење.“

„Фалоспевот на Марија – Величај – ја зајакнува надежта на понизните, гладните и верните слуги Божји.“

Божјото Слово продолжува да излегува на виделина

Папата нагласи дека Божјото Слово продолжува да се навестува, дури и кога нешто изгледа невозможно. „Кога се раѓаат врски што на злото одговараат со добро и на смртта со живот, тогаш се исполнува: „За Бога ништо не е невозможно“ (Лука 1,37).“

Црквата во своите кревки членови

Папата предупреди за опасноста кога преовладува самодовербата и совеста е затапена. „Наместо да се дозволи стариот свет да исчезне, човек сè уште се држи до него, барајќи помош од богатите и моќните, што честопати доаѓа со презир кон сиромашните и понизните.“ Истакна дека Црквата живее во своите кревки членови и се обновува преку нивното Величај.

„Дури и во наше време, сиромашните и прогонуваните христијански заедници, сведоците на нежноста и простувањето во местата на конфликт, и миротворците и градителите на мостови во еден разрушен свет, се радоста на Црквата“, потврди тој, велејќи: „Тие се нејзината трајна плодност, првите плодови на идното Царство“.

Повик кон обраќање

Потсетувајќи дека многу од нив, како Елисавета и Марија, се жени – „пасхални жени, апостолки на Воскресението“ – Папата повика: „Да се обратиме за нивно сведоштво.“

Обраќајќи им се на верниците, папата Лав нагласи дека „кога во овој живот го „избираме животот“, „имаме право да ја видиме во Марија, вознесена на небото, нашата сопствена судбина“.

„Таа“, продолжи Папата, „ни е дадена како знак дека Воскресението Христово не било изолиран настан, ниту само исклучок.“

Марија: чудесно единство на благодат и слобода

Марија, рече Папата, е тоа чудесно единство на благодат и слобода, која го поттикнува секој од нас да има доверба, храброст и учество во животот на Божјиот народ“, особено како што вели таа: „Силниот ми направи големи дела“ (Лука 1,49).

Имајќи го ова предвид, папата Лав рече: „ секој од нас нека ја познае оваа радост и ја објави со нова песна. Да не се плашиме да го избереме животот!“

Дури и ако „може да изгледа ризично и неразумно. Многу гласови шепотат: „Зошто да се мачиме? Оставете го тоа. Размислете за вашите сопствени интереси“, рече тој; таквите сугестии се „гласови на смртта“, а ние наместо тоа „сме ученици Христови“. „Неговата љубов е таа што нè движи – душа и тело – во нашето време“.

Папата Лав заврши нагласувајќи дека само кога ние, како поединци и како Црква, повеќе нема да живееме за себе, животот се шири и животот може да преовладува.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот