Папата Лав XIV: Спортот е важен за човештвото, да се почитува Олимпиското примирје

Папата Лав XIV: Спортот е важен за човештвото, да се почитува Олимпиското примирје

Во пресрет на свеченото отворање на Зимските олимписки игри Милано–Кортина 2026 во северна Италија, папата Лав XIV го објави писмото „Живот во изобилство“ за вредноста на спортот.

Неколку часа пред церемонијата на отворање на Зимските игри Милано–Кортина, Ватикан го објави писмото на папата Лав XIV, „Живот во изобилство“, посветено на вредноста на спортот.

Папата го започнува писмото со тоа што истакнува дека, по повод XXV Зимски олимписки игри, 6–22 февруари, и XIV Параолимписки игри, 6–15 март, посака да ги поздрави и да им упати добри желби на сите што се непосредно вклучени, а воедно да им понуди и размислување на сите.

Во текстот, Светиот Отец го пофалува спортот и размислува за многуте начини на кои тој го поттикнува човечкото братство и им помага на поединците да го следат она што е добро и свето.

Папата Лав потсетува дека на претходните Олимписки игри неговите претходници ја нагласувале важната улога што спортот може да ја има за доброто на човештвото, особено во промовирањето на мирот.

Тој повторно ја изразува својата благодарност што во последниве години Меѓународниот олимписки комитет и Генералното собрание на Обединетите нации повторно го предлагаат Олимпиското примирје.

Спортот како средство за мир

„Во свет жеден за мир“, вели папата Лав, „ни се потребни алатки што можат да стават крај на злоупотребата на моќта, на демонстрациите на сила и на рамнодушноста кон владеењето на правото“. Осудувајќи дека пред нашите очи се шири култура на смрт, тој нагласува дека „агресијата, насилството и војната секогаш се пораз за човештвото“.

„По повод претстојните Зимски олимписки и Параолимписки игри“, повторува Папата, „од срце ги охрабрувам сите народи повторно да го откријат и да го почитуваат ова средство на надеж, Олимпиското примирје, како симбол и ветување за помирен свет“.

Црквата е повикана на пасторално присуство

Размислувајќи за спортот, папата ја потсетува и Црквата дека треба пасторално да биде присутна во светот на спортот и да понуди придружување, распознавање и надеж. Притоа ја наведува Athletica Vaticana, основана во 2018 година како официјален тим на Светиот Престол и под водство на Дикастеријата за култура и образование, како иницијатива што сведочи „како спортот може да се живее и како црковна служба“.

„На тој начин“, охрабрува тој, „спортот навистина може да стане школа за живот, каде што сите можат да научат дека изобилството не доаѓа од победа по секоја цена, туку од споделување, од почитување на другите и од радоста да се оди заедно“.

Спортот му служи на општото добро и на личниот развој

„Црквата“, забележува Папата, „е повикана да му биде близу на спортскиот свет кога тој се игра професионално, како врвна конкуренција, или како можност за успех или медиумска видливост, но и преку посебна грижа за спортот на локално ниво, кој често нема ресурси, но е богат со односи“.

Во размислувањето, папата Лав ја повикува Црквата конкретно да биде присутна и да понуди придружување, распознавање и надеж. Така, вели тој, спортот навистина може да стане школа за живот, учејќи дека изобилството не доаѓа од победа по секоја цена, туку од споделување, од почитување на другите и од радоста да се оди заедно.

Тој повикува исто така „спортот да се ослободи од редуктивни менталитети што би го претвориле во обичен спектакл или производ“.

Низ целото писмо, папата Лав предупредува на искористувањето на спортот за политичка или финансиска корист, повикувајќи дека треба да остане верен на својата мисија да му служи на личниот развој и на општото добро.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот