Во пораката до учесниците на Второто синодално собрание на Црквата во Италија, папата Фрањо потсетува дека христијанската радост не доаѓа од комотните решенија на проблемите, туку од сигурноста дека Господ никогаш не нè остава сами: „И јас тоа го доживеав во болницата и сега во ова време на закрепнување“.
Христијанската радост никогаш не исклучува, туку секогаш вклучува, таа е за секого – ова е мислата која папата Фрањо ја упати до учесниците на Второто синодално собрание на Црквата во Италија, собрани во Ватикан од 31 март до 3 април, а објавена на 31 март 2025 година. Папата потсетува дека вистинската радост не е некоја едноставна веселба, не произлегува од комотните решенија на проблемите, не го избегнува крстот, туку извира од сигурноста дека Господ никогаш не нè остава сами. Папата истакнува дека тој лично ја доживеал оваа Божја близина за време на неговата хоспитализација, а сега и во ова време на закрепнување.
Народ во движење
Христијанската радост е доверба во Бога во секоја животна ситуација – забележува Папата во текстот, нагласувајќи дека тоа е дар кој доаѓа од Господ. Оваа радост се остварува во секојдневниот живот и во споделувањето, а се карактеризира со широки хоризонти и гостопримлив стил – пишува папата Фрањо. Црквата не е составена од мнозинство или малцинство туку од светиот верен Божји народ кој чекори низ историјата просветлен од Словото и Духот – додаде тој, охрабрувајќи ги учесниците да дозволат при гласањето за предлозите кои се централни за иднината на Црквата во Италија да бидат водени од креативната хармонија, која го создава Светиот Дух.
Години на расудување
Темата на радоста е во центарот на работата на повеќе од илјада учесници, вклучувајќи епископи, епархиски делегати и гости, собрани да гласаат за предлозите со наслов „Да биде радоста потполна“. Станува збор се предлози и идеи кои се појавија во текот на годините на расудување и синодалното патување, кое започна во 2021 година. На крајот на собранието предлозите ќе бидат доставени до бискупите на поединечните бискупии за да можат да подготват упатства за локалните Цркви, но и за службите на Италијанската епископска конференција.
Ватикан њуз/к.мк