Откако ги прими учесниците на IV. Меѓународната средба на хоровите во Ватикан, папата Фрањо истакна дека успехот на секоја изведба е условен од посветеноста на сите и фактот дека секој придонесува што е можно подобро во својата улога, почитувајќи ги и слушајќи ги оние околу себе.
Во сабота, 8 јуни 2024 година, папата Фрањо ги прими во Ватикан учесниците на IV. Меѓународна средба на хорови, каде што учествуваат парохиски, епархиски и други хорови, како и диригенти и музичари. Светиот Отец, обраќајќи им се на присутните, меѓу кои имаше и млади пејачи, најпрвин истакна дека „спонтаноста на децата зборува повеќе од најдобрите говори“. Мораме, посочи Петровиот наследник, да се грижиме за децата бидејќи тие се иднината и надежта, но и сведоштво за спонтаност, невиност и ветување.
За време на аудиенцијата, Папата му се заблагодари на маестро монс. Марк Фрисина и Друштвото „Нова опера“ за промовирање на оваа иницијатива, која се одржува четврти пат и четириесет години по основањето на Хорот на Римската бискупија. На програмата на манифестацијата е предвиден и голем концерт во салата Павле VI.
Папата Фрањо потсети на три суштински аспекти на оваа служба, која е поттикната од верата и страста за музиката – хармонија, заедништво и радост. Тој нагласи дека „музиката создава хармонија, допира до сите, ги утешува оние кои страдаат, им го враќа ентузијазмот на оние што се обесхрабрени и прави во секого да процветаат прекрасни вредности, како убавината и поезијата, како одраз на хармоничната Божја светлина“. Музичката уметност, додаде Папата, има „универзален и непосреден јазик, кој не бара преводи или многу концептуални објаснувања“.
Папата ги поттикна да одржуваат високо духовно ниво на својот повик: со молитва и размислување за Божјото Слово, учество во литургиите, кои ги анимираат не само со гласот, туку и со умот и срцето. Им порача да го живеат овој ентузијазам од ден на ден, за нивната музика „да биде уште порадосно воздигнување на срцето кон Бога, кој со својата љубов привлекува, осветлува и сè преобразува“. На крајот, Папата им искажа благодарност за евангелизацијата преку музиката“.
Ватикан нуз/к.мк