Папата: Христијанското послание не се заснова на податоци, туку на верност кон Евангелието

Папата Фрањо испрати порака до верниците кои за јубилејот дојдоа во Рим од Чешка: навестувајте го Евангелието без страв од тешкотии и пречки; кој се надева на Бога, никогаш не е напуштен, дури и во време на искушение.
Сакав лично да бидам со вас за да го споделам овој момент на вера и заедништво, но поради закрепнување духовно се соединувам со вас, заблагодарувајќи ви од се срце за вашите молитви. Со овие зборови папата Фрањо од Домот Света Марта, каде што се опоравува од минатата недела по отпуштањето од поликлиниката Гемели, упати срдечна поздрав до мирјаните, посветените лица, епископите и свештениците кои дојдоа од Чешка на национално ходочестие по повод јубилејот, охрабрувајќи ги пастирите и народот заедно да чекорат по патот на верата, да се поддржуваат едни со други и да бидат сведоци на мирот и надежта во светот на кој тоа му е потребно, но исто така и во Европа.
Патот на верата
Во пораката подготвена за чешките верници, Папата размислува за значењето на јубилејното ходочестие, конкретен знак на желбата – како што напиша – да се обнови верата, да се потврди врската со Петровиот наследник и радосно да се исповеда припадноста кон Господ, кој секогаш оди со нас, нè поддржува во искушенијата и нè охрабрува да бидеме сведоци на неговиот мир и неговата љубов. Тоа е пат на верата – нагласува Папата на чешките ходочесници – што се вклопува во богатата христијанска традиција на нивната земја, осветлена од сведочењето на светите Адалберт, Кирил и Методиј и многу други, кои храбро и трпеливо го донесоа светлото на Евангелието, дури и онаму каде што изгледаше невозможно. Нивниот пример не учи дека христијанското послание не се заснова на видливи резултати, туку на верноста кон Бога – нагласи папата Фрањо.
Она малку што го имаме Бог дава да вроди со плод на незамисливи начини
Повикани сме да го навестуваме Евангелието со доверба, не плашејќи се од тешкотии и препреки – поттикнува Папата и додава: Бог бара да го дадеме она малку што сме и што имаме, затоа што ако секој од нас со дарежливо срце му ја довери на Господа нашата посветеност на верата, Тој ќе ја умножи и ќе направи да вроди со плод на начини на кои не можеме ни да замислиме.
Затоа, никогаш не смееме да ја изгубиме довербата – забележува папата Фрањо – бидејќи Бог делува и тогаш кога не ги гледаме веднаш резултатите. На ова не поучува и историјата на светците, истрајноста на Иван Непомук и многу други сведоци на верата во Чешка, чии животи ни покажуваат дека оние кои се надеваат на Бога никогаш не се напуштени, дури и во моменти на искушенија како што е прогонството.
На крајот, Папата нагласува дека верата не е само за нас, туку е дар што треба радосно да се споделува, а пораката ја заврши доверувајќи го ходочестието на чешките верници на Дева Марија, Мајката на надежта, сите да се зајакнат во верата, надежта и љубовта. „Од дното на моето срце ве благословувам сите вас и вашиот народ и молете се за мене“, стои на крајот од пораката на Папата.
Ватикан њуз/к.мк