Папата: Холокаустот не може да се заборави или негира; антисемитизмот мора да се искорени
Судан, Јужен Судан, Колумбија. Потоа војна, лепра, ужасот на холокаустот, злото на антисемитизмот и верското прогонство, надежите на младите за мир. Ова е глобалниот поглед што папата Фрањо го упати од прозорецот на Апостолската палата, по молитвата Ангел Господов во недела на 26 јануари 2025 година.
По пладневната молитва Папата, осврнувајќи се на конфликтот во Судан, кој започна во април 2023 година, предупреди дека тој ја предизвикува најтешката хуманитарна криза во светот, со драматични последици. Меѓу другото, во неколку наврати ги повика завојуваните страни да ги прекинат непријателствата и да се согласат да седнат на преговарачка маса, а меѓународната заедница да направи сè за да ја достави потребната помош до ранливите и да им помогне брзо да го пронајдат патот по мир.
Загриженост заради тензиите во Колумбија и близината со пациентите со лепра
Папата е загрижен и за ситуацијата во колумбискиот регион Кататумбо, каде што судирите меѓу вооружените групи предизвикаа бројни цивилни жртви и повеќе од триесет илјади раселени лица, а споменувајќи го денешниот Меѓународен ден на лепрата, тој ги охрабри сите оние кои се посветени на лекување на луѓето кои страдаат од оваа болест да продолжат со својата работа за да се реинтегрираат во општеството оздравените, кои се маргинализирани.
Меѓународен ден на сеќавање на холокаустот
Потсетувајќи na Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот – 80 години од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц – Папата рече дека ужасот од истребувањето на милиони Евреи и припадници на други религии не може да се заборави или негира. Спомнувајќи го сведокот на времето, унгарската поетеса Едит Брук, која живее во Рим и го претрпе сето тоа, Папата ги поттикна да го слушаат нејзиното искуство во емисијата „Че темпо че фа“.
Исто така се сеќаваме и на многу христијани, меѓу кои и бројни маченици. Повторно ги повикувам сите да соработуваат во искоренувањето на злото на антисемитизмот, заедно со сите форми на дискриминација и верски прогон. Заедно да градиме побратски и поправеден свет, воспитувајќи ги младите да имаат срце отворено за сите, во логиката на братството, простувањето и мирот.
Поздрав до медиумските работници
И во својот поздрав до верниците и ходочесниците од Италија и од сите делови на светот – издвојуваме – ги спомена медиумските работници кои деновиве се во Рим на ходочестие по повод Јубилејот. Тој ги повика нашите колеги секогаш да бидат раскажувачи на надежта.
На крајот, Папата им посвети големо внимание на момчињата и девојчињата од Католичката акција, парохиите и католичките училишта во Рим. Дојдоа на крајот од нивниот „Караван на мирот“ во кој – како што потсети – размислуваа за присуството на Исус во нивните животи, сведочејќи им ја на своите врсници убавината на прифаќањето и братството. Еден од нив – можеби на нечие изненадување – се појави до Светиот Отец на прозорецот на Апостолската палата и го прочита своето кратко пригодно писмо.
Ватикан њуз/к.мк