Во својот говор пред учесниците на меѓурелигискиот собир на „Конференцијата на сите религии“, папата Фрањо ја истакна вредноста на дијалогот во глобален контекст кој се карактеризира со нетрпеливост и омраза. Дискриминацијата заснована на разлики, која стана „секојдневно искуство“ за многумина, истакна тој, се решава преку духовните вистини и вредности кои се заеднички на различните вероисповеди.
Папата Фрањо, во сабота 30 ноември 2024 година ги прими учесниците на конференцијата по повод стогодишнината од првата Конференција на сите религии организирана во 1924 година од духовниот водач Сре Нарајана Гуру.
Во поздравот тој истакна дека ги поздравува сите учесници на конференцијата, кои припаѓаат на различни верски традиции, а кои дојдоа од Керала, Индија и други делови од светот, за да ја прослават стогодишнината од првата „Конференција на сите религии“ организирана од духовниот водач и социјален реформатор Сре Нарајана Гуру.
Како што рече, „темата на конференцијата „Религиите заедно за подобро човештво“ е навистина многу актуелна и важна за нашето време и мило ми е што учествувате на Меѓурелигиската конференција организирана со поддршка на Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог, за да го одбележиме тој важен настан во историјата на меѓурелигискиот дијалог во Индија и Азија“.
На крајот папата Фрањо потсети дека, како следбеници на верските традиции, „секогаш треба да соработуваме со сите луѓе со добра волја во промовирањето на културата на почит, достоинство, сочувство, помирување и братска солидарност“. „На овој начин можеме да помогнеме да се надмине културата на индивидуализам, исклученост, рамнодушност и насилство која, за жал, се шири. Тргнувајќи од духовните вистини и заедничките вредности, но цврсто вкоренети и посветени на сопствените верски спознавања и убедувања, да чекориме заедно и да работиме заедно за градење на подобро човештво“, заклучи Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк