Папата Фрањо: Молам оружјето веднаш да замолчи

Папата Фрањо: Молам оружјето веднаш да замолчи

Во своето последно пладневно обраќање за време на неговото лекување во поликлиниката Гемели, папата Фрањо предупредува на важноста на трпението, кое ги води луѓето кон преобраќање. Тој, исто така, ја истакна грижата на медицинскиот персонал кој се грижел за него, а потоа изрази тага поради обновеното бомбардирање на Газа. Надежи за мировен договор меѓу Азербејџан и Ерменија

Папата Фрањо во недела 23 март 2025 година се појави на балконот на поликлиниката „Гемели“, каде од 14 февруари се лекува од пневмонија. Верниците го пречекаа со песни и извикување, а тој кратко им се обрати. Со оглед на неговата здравствена состојба, особено неговиот глас, Папата денеска не ја прочита катехезата пред молитвата Ангел Господов, ниту молеше Ангел Господов, туку Канцеларијата за печат на Светиот Престол го објави текстот на катехезата од кој пренесуваме еден дел.

„Параболата од денешното Евангелие ни зборува за Божјото трпение, кое нè поттикнува да го направиме нашиот живот време за преобраќање. Исус ја користи сликата на неплодна смоква која не го дала посакуваниот плод, но лозарот не сака да ја исече: сака да ја обработи уште еднаш за да види дали „можеби во иднина ќе даде плод“ (13,9). „Тој трпелив лозар е Господ, кој внимателно ја обработува почвата на нашиот живот и со сигурност го чека нашето враќање кај Него“, нагласува Светиот Отец и продолжува:

„За време на своето долго закрепнување во болницата, имав можност да го искусам Господовото трпение, кое го гледам како се покажува во неуморната грижа на лекарите и здравствените работници, како и во знаците на грижа и надеж на членовите на семејствата на пациентите. Ова трпение полно со доверба, вкотвено во непоколебливата љубов Божја, е навистина незаменливо во тешките и најболните ситуации во нашите животи.

Светиот Отец ја изрази својата тага поради продолжувањето на израелските бомбардирања во Појасот Газа, кое резултираше со многу жртви и повредени. „Молам оружјето веднаш да замолкне и да се има храброст да се обнови дијалогот, да се ослободат сите заложници и да се постигне конечен прекин на огнот. Хуманитарната ситуација во Појасот Газа повторно е многу сериозна и бара итна акција од завојуваните страни и меѓународната заедница“, предупреди Папата.

Како што потврди, тој е задоволен што Ерменија и Азербејџан постигнале договор за конечниот текст на Мировниот договор и се надева дека тој ќе биде потпишан што е можно поскоро, а со тоа ќе придонесе за воспоставување траен мир. На крајот, ги повика сите да молат за крај на војните и за мир, особено за страдањата во Украина, Палестина, Израел, Либан, Мјанмар, Судан и Демократска Република Конго. Богородица нека нè заштитува и нека продолжи да нè придружува на нашиот пат кон Велигден!“, рече во заклучок Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот