Папата Фрањо: Да бидеме светли знаци на надеж еден за друг и да продолжиме да се молиме за мир

Папата Фрањо: Да бидеме светли знаци на надеж еден за друг и да продолжиме да се молиме за мир

„Колку внимание, полно со љубов, ги осветлува просториите, ходниците, клиниките, местата каде што се вршат најскромните служби“, истакна папата Фрањо, во недела 16 март 2025 година, во обраќањето објавено од Канцеларијата за печат на Светиот Престол во Втората недела од Великиот пост. Им се заблагодари на сите за молитвите и ги повика да продолжат да молат за мир.

Осврнувајќи се на Евангелието од Втората недела од Великиот пост, во кое се зборува за Исусовото преобразување (Лука 9,28-36), Папата истакна дека Исус, откако се искачи со Петар, Јаков и Иван на врвот на гората, потонува во молитва и блеска со светлина. Така, нагласи Светиот Отец, на своите ученици им покажува што се крие зад гестовите што ги прави меѓу нив: светлината на неговата бескрајна љубов.

„Ги споделуваме овие мисли со вас додека поминувам низ тежок период на искушение и им се придружувам на толку многу болни браќа и сестри: кревки, во овој момент, како мене. „Нашите тела се слаби, но и покрај тоа ништо не може да не спречи да се сакаме, да се молиме, да се даруваме себеси, да бидеме во верата светли знаци на надеж еден за друг“, нагласи Папата.

Колку светлина сјае, во таа смисла, во болниците и установите за грижа и нега, додаде тој. „Колку внимание, полно со љубов, ги осветлува собите, ходниците, клиниките, местата каде се вршат најскромните служби! Затоа денес сакам да ве повикам да ми се придружите во славењето на Господа, кој никогаш не нè напушта и кој во моменти на болка става до нас луѓе кои ги одразуваат зраците на неговата љубов“.

Светиот Отец им се заблагодари на сите за молитвите и на сите кои му помагаат со голема посветеност. Тој додаде дека знаел дека многу деца се молат за него. Некои од нив денеска дојдоа овде кај „Гемели“ во знак на близина. Ви благодарам, драги деца! „Папата ве сака и секогаш чека кога ќе се сретне со вас“, истакна тој.

Да продолжиме, нагласи Папата, да молиме за мир, особено во земјите ранети од војна: во маченичката Украина, Палестина, Израел, Либан, Мјанмар, Судан, Демократска Република Конго.

„Се молиме за Црквата, повикана расудувањето од неодамнешното Синодално собрание да го преточи во конкретни одлуки. Му благодарам на Генералниот секретаријат на Синодата, кој ќе ги придружува помесните Цркви во овој потфат во следните три години. Дева Марија нека нè заштити и нека ни помогне да бидеме како неа носители на светлината и мирот Христов“, пишува на крајот од неговото обраќање папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот