Папата: Франција нека остане неуморен застапник на мирот и мултилатерализмот

Папата: Франција нека остане неуморен застапник на мирот и мултилатерализмот

Во своето прво јавно обраќање во Франција, папата Лав XIV го истакна придонесот на Католичката црква во француското општество и ја охрабри земјата да продолжи да работи за мир кој е „невооружен и разоружувачки“.

Папата Лав XIV во петокот наутро, 25 септември 2026 година, приватно се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон во Елисејската палата, непосредно по пристигнувањето во Париз на почетокот од своето четиридневно апостолско патување во Франција.

Потоа Светиот Отец им се обрати на претставниците на државните власти, граѓанското општество и дипломатскиот кор, потсетувајќи и на своите француски корени и уверувајќи го францускиот народ во своите молитви.

Папата потсети дека Франција со векови била културен, уметнички и духовен светилник за Европа и за светот.

„Многуте брилијантни француски научници кои истовремено биле и верни католици јасно покажуваат како науката и уметноста, литературата и филозофијата можат да придонесат за доброто на човештвото кога се насочени кон потрагата по убавината, добрината и вистината, за светот да има живот“, рече Папата.

Тој изрази благодарност и за умешноста на француските архитекти и уметници кои учествуваа во обновата на катедралата Нотр Дам по пожарот во 2019 година.

Нарекувајќи ја реконструкцијата „впечатливо техничко достигнување“, папата Лав XIV рече дека обновата на Нотр Дам покажува како и нешто што изгледа неповратно уништено може повторно да се роди преку заеднички труд и соработка.

Христијанските корени на Франција

Папата нагласи дека Франција има длабоки христијански корени и дека душата на нацијата од христијанството црпи „богат духовен, културен, интелектуален, уметнички и мисионерски елан“.

Тој потсети дека во периодот на хуманизмот француските мислители го поврзувале наследството на античка Грција и Рим со христијанската вера, придонесувајќи за развојот на идејата за човековите права втемелени во самата природа на човечката личност, вклучително и верската слобода.

Осврнувајќи се на француското национално мото „Слобода, еднаквост, братство“, Папата рече дека овие вредности „упатуваат на универзални етички императиви кои во евангелската порака наоѓаат неисцрпен извор на вдахновение и свое исполнување“.

Да не ја изгубиме човечноста во „рајот на машините“

Папата Лав XIV потоа се осврна на темата на вештачката интелигенција, која ја разгледува и во својата енциклика Magnifica humanitas.

Тој нагласи дека почитувањето на човечкото достоинство, како и на основните права и слободи, мора да оди во чекор со општествените промени и технолошкиот развој.

„Ако сакаме да избегнеме да ја изгубиме нашата човечност среде ‘рајот на машините’ што навлегува во нашиот секојдневен живот и го условува, итно ни е потребно воспитување за етичко расудување и способност да го препознаваме моралното добро“, рече Папата.

Црквата како лице на Божјата милост

Осврнувајќи се на „богатото и разновидно општествено ткиво“ на Франција, Светиот Отец им оддаде признание на католиците кои продолжуваат да се грижат за сиромашните, ранливите и маргинализираните.

Црквата, рече тој, се стреми да биде „живо лице на Божјата милост и сочувство“, потсетувајќи и на големото добротворно наследство на свети Викентиј Павелски.

Папата предупреди и на современата тенденција по секоја цена да се отстрани секој облик на страдање, нагласувајќи дека таквиот пристап може да доведе до опасно самозалажување.

„Кога науката и технологијата не се водени од подлабока мудрост, тие можат да понудат непосредни решенија кои навидум ги задоволуваат желбите на луѓето и ја ублажуваат нивната болка, но можат сериозно да ги оддалечат од поголемото добро кон кое се стремат“, рече Папата.

Тој нагласи дека меѓусебното почитување и заштитата на секој човечки живот се должност на сите, а тоа започнува со преобраќање на срцето и умот и со несебична посветеност на доброто на другиот.

Верата има место во јавниот живот

Папата Лав XIV ги охрабри христијаните активно да се вклучуваат во јавниот живот, водени од светлината на својата вера.

Тој истакна дека автентичната секуларност не подразбира исклучување на религијата од општеството, туку нејзино признавање и како важен образовен и културен ресурс.

Светиот Отец ѝ се заблагодари на Франција и за поддршката што ја дава за образованието и хуманитарната работа на Блискиот Исток, особено преку иницијативата што помага во финансирањето на повеќе од 260 училишта и универзитети.

Папата потсети на последиците од конфликтите и на страдањата предизвикани од војната во земјата каде што е роден Кнезот на мирот.

„Не можеме да останеме рамнодушни пред нивната болка, која го навредува човечкото достоинство и вика кон Бога за правда“, рече тој.

Мирот не е рамнотежа на силите

Папата Лав XIV повика и на забрана на нуклеарното оружје, нагласувајќи дека вистинскиот мир не се темели врз страв и рамнотежа на силите, туку се гради секојдневно преку дијалог, правда и разум.

На крајот од своето обраќање, Светиот Отец ја повика Француската Република да „остане неуморен застапник на мирот и мултилатерализмот“.

„Франција, верна на своите традиционални вредности, нека работи за мир кој е невооружен и разоружувачки и одговорно нека го понуди својот единствен придонес кон таа цел“, рече папата Лав XIV.

„Нека вашата слобода расте во постојана грижа за општото добро.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот