Папата Фрањо на 7 февруари 2025 година, во Домот Света Марта се сретна со претставници на мрежата „Талита Кум“ и ги поттикна да се ангажираат за сузбивање на срамната експлоатација на милиони луѓе. Трговијата со луѓе, сексуалната експлоатација, дури и на момчиња и девојчиња, принудна работа, се многу сериозни прекршувања на основните човекови права, истакна Папата; Потребно е да бидат повикани сите на одговорност и да се справиме со таквиот облик на криминал со кој се заработува на кожата на најранливите лица
„Трговијата со луѓе е глобален феномен кој одзема милиони жртви и не запира пред ништо. Секогаш наоѓа нови начини да се инфилтрира во нашите општества, на сите географски широчини. Не можеме да останеме рамнодушни на оваа драма и мора да ги здружиме силите и да ги повикаме сите на одговорност, за секој да може да се спротивстави на криминалот што профитира од најранливите. Со овие зборови Светиот Отец ги поздрави членовите на делегацијата на Светската мрежа „Талита Кум“ во Домот Света Марта по повод 11-ти Светски ден против трговијата со луѓе.
Папата во својот говор истакна дека е неприфатливо толку многу наши браќа и сестри да се експлоатираат на таков безобразен начин. „Трговијата со луѓе, но и сексуалната експлоатација – дури и на момчиња и девојчиња – и принудната работа е срам и тешко прекршување на основните човекови права“, истакна Папата, заблагодарувајќи им се на сите што дојдоа на седмицата на молитва и размислување против трговијата со луѓе, особено на оние од далеку.
„Посебно им честитам на младите амбасадори против трговијата со луѓе кои со својата креативност и енергија секогаш наоѓаат нови начини да ја подигнат свеста и да ги информираат другите. Ги поттикнувам сите организации во оваа мрежа и сите вклучени поединци, да продолжат да ги здружуваат силите, ставајќи ги во центар и жртвите и преживеаните, слушајќи ги нивните приказни, лекувајќи ги нивните рани и охрабрувајќи го нивниот глас. Тоа значи да се биде амбасадор на надежта и се надевам дека во овој Јубилеј многу други ќе го следат вашиот пример“, рече Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк