Папата: Соочени со актуелното сценарио, мора да ја сфатиме итноста за промовирање на мирот

Папата: Соочени со актуелното сценарио, мора да ја сфатиме итноста за промовирање на мирот

На 17 јули 2024 година, Светиот Отец упати порака по повод 1500 години посветеност на иконата Света Марија во Портико – Romanae Portus Securitatis, покровителката на Рим. Тој во пораката ги охрабрува монасите на Дружбата на редовни свештеници на Мајка Божја, кои се грижат за иконата, да бидат пример за братскиот живот и градители на мирот.

Пораката беше упатена до отец Антонио Пиколо, генерален ректор на Дружбата на редовни свештеници на Мајка Божја. Годишнината е можност да им се придружиме на монасите во молитвата, пишува Папата, имајќи предвид дека иконата им е доверена на нивна грижа од 1601 година. Тој, исто така, ја истакна „провидоносната случајност“ што се одбележуваат 450 години откако Иван Леонарди го основал редот во истата година кога Црквата се подготвува за јубилејот.

Во својата порака Светиот Отец потсетува на историјата на побожноста – според традицијата, Богородица на 17 јули 524 година се објавила во домот на свети Гала, римски аристократ, во присуство на папата Иван I. Оттогаш, на тој трем, каде Гала ги примила сиромашните и ходочесниците, е подигнато маријанско светилиште и конак. Токму тоа е повикот до духовните наследници на свети Иван Леонарди да се грижат и да ја промовира вредноста на прифаќањето на сиромашните и најмалите, „така местата каде што живееме и самите цркви да бидат трем отворен кон светот каде што им се нуди утеха и помош на многуте облици на сиромаштија што ги обележуваат нашите животи“, напоменува Папата.

Понатаму, тој потсетува дека Богородица се појавила во особено тежок момент за Црквата, „ширејќи го својот покров над папата Иван I“, кој ќе страда и ќе умре за мир, не негирајќи ја верата. „Соочени со актуелното сценарио, како не можеме да ја разбереме итноста да се промовира мирот, да се молиме за мир? Повикајте на мир и бидете пред се градители на мирот во вашите помирени и помирливи заедници. Примерот на братскиот живот нека биде евангелски привлечен за верниците на кои им пружите пасторална грижа“, пишува Светиот Отец.

Тој ги поттикнува монасите да гледаат на Марија „како знак на утеха и сигурна надеж“, која „постојано ни го дава својот Син како единствен извор на хармонија, надеж за спасение, пат на мирот, апсолутен императив на човечката потрага“. Тој потсети дека истиот дух го трогнал и нивниот основач, кој се водел според зборовите „Христос пред сѐ“. „Христос е единствениот лек кој може да ги излечи болестите на Црквата и на човекот“, истакна Папата.

На крајот ја поттикнува целата дружба „на уште поголема мисионерска ревност и постојан напредок во духовниот живот, прифаќајќи го поттикот на светиот основач, кој пред очите на умот и срцето силно потсетувал само на честа и славата на распнатиот Христос “. Оттука произлегува и поттикот на Папата да се има во срцето „целосна формација на монаси“ и апостолат што „може да биде канал на благодатта и алатка за радосно навестување на Евангелието“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот