Папата: Сите внимателно пресметуваме , но Бог ни ја дава својата љубов без мерка

Папата: Сите внимателно пресметуваме , но Бог ни ја дава својата љубов без мерка

На својата прва Генерална аудиенција, одржана во среда, 21 мај 2025 година, на плоштадот Свети Петар, папата Лав XIV. ја продолжи серијата катехеза за јубилејот кои ги започна папата Фрањо на тема „Исус Христос, нашата надеж“. Од параболата за сејачот учиме дека секој збор од Евангелието е како семе што се фрла во почвата на нашите животи, меѓу многу различни ситуации. Бог не чека ние да станеме најдобрата можна почва, туку верува и се надева дека семето порано или подоцна ќе роди.

Папата Лав XIV ја одржа својата катехеза посветен на параболата за сејачот, во која, како што рече, можеме да го препознаеме начинот на комуникација на Исус, која и денес може да нè научи многу во навестувањето на Евангелието.

Параболата за сејачот зборува токму за динамиката на Божјото Слово и ефектите кои ги донесува. Секој збор од Евангелието е како семе што се фрла во почвата на нашите животи. Словото Исусово е за секого, но делува кај секоја личност на различен начин. Овој контекст ни помага подобро да го разбереме значењето на параболата. Сејачот, донекаде необично, излегува да сее, но не го интересира каде ќе падне семето. Тој фрла семе дури и таму каде што е малку веројатно да донесе плод: на патот, на каменеста земја, меѓу трње. Овој став ги изненадува слушателите и ги поттикнува да се запрашаат: зошто?

„Навикнати сме сè внимателно да пресметуваме –  понекогаш е потребно – но тоа не е важи кога станува збор за љубовта! Начинот на кој овој расипнички сејач го сее семето е слика за начинот на кој Бог нè сака“, рече Светиот Отец и продолжи:

Точно е дека судбината на семето зависи од тоа како почвата го прима и во каква состојба е, но со оваа парабола Исус првенствено сака да ни каже дека Бог го фрла семето на своето слово на секаков вид почва, односно во секоја ситуација во нашите животи: понекогаш сме површни и расеани, понекогаш сме понесени од ентузијазам, понекогаш сме оптоварени од грижите во животот, но има и моменти кога сме отворени и подготвени да го примиме словото. Бог е полн со доверба и се надева дека семето еден ден ќе донесе плод. Тој нѐ сака такви какви што сме: не чека да станеме најдобрата можна почва, туку секогаш великодушно ни го дава своето слово. Можеби, само со тоа што ќе видиме колку ни верува, ќе се роди во нас желба да станеме подобра почва. Тоа е надежта, заснована на цврстата карпа на Божјата великодушност и милосрдие.

Тој се потсети и на една прекрасна слика од Винсент ван Гог на која е прикажан сејач на зајдисонце. „Ми изгледа дека веќе зрелото зрно зад сејачот е вистинска слика на надежта: на еден или друг начин, семето донело плод. Не знаеме точно како, но донело. Но, центарот на сцената не е сејачот, туку сонцето доминира над целата слика, можеби за да нè потсети дека Бог ја става историјата во движење, дури и кога изгледа отсутен или далечен“, нагласи Светиот Отец и заклучи:

Драги браќа и сестри, денес во каква животна ситуација нè допира Божјото Слово? Да го молиме Господ за милост секогаш да го примаме тоа семе кое е Неговото слово. Дури и ако откриеме дека не сме плодна почва, да не се обесхрабруваме, туку да го молиме да поработи повеќе на нас за да станеме подобра почва.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот