На 16 септември 2025 година, во Кастел Гандолфо, Папата Лав XIV го прими во аудиенција Неговата Светост Карекин II, Католикос на сите Ерменци. Веста ја објави Канеларијиата за печат на Светиот Престол.
Оваа средба претставува прва официјална средба на папата Лав XIV со поглаварот на Ерменската апостолска црква.
Програмата на посетата
Посетата на Карекин II започна на 15 септември. Покрај средбата со Папата, во програмата се вклучени и средби со високи претставници на Римската курија: државниот секретар кардинал Пјетро Паролин, секретарот за односи со држави и меѓународни организации надбискуп Пол Ричард Галагер, префектот на Дикастеријата за Источни цркви кардинал Клаудио Гуџероти, префектот на Дикастеријата за промоција на христијанското единство кардинал Курт Кох и префектот на Дикастеријата за култура и образование кардинал Хозе Толентино де Мендонса.
Историски контекст
Карекин II првпат го посети Светиот Престол во 2000 година, кога заедно со папата Иван Павле II потпиша заедничка декларација за дијалог меѓу двете цркви. Во 2001 година, Иван Павле II оствари историска посета на Ерменија по повод 1700-годишнината од прогласувањето на христијанството за државна религија, со што стана првиот Папа што ја посетил таа земја. На 8 април 2005 година, Карекин II, заедно со католикосот Арам I од Киликија, присуствуваше на погребот на Иван Павле II во Ватикан. Во 2008 година, повторно го посети Ватикан, по покана на Бенедикт XVI, за да учествува на екуменска богослужба.
Современи односи
Карекин II оствари повеќе средби и со папата Фрањо. Значајни настани во тие односи се светата Литургија од 12 април 2015 година, на која Фрањо им оддаде почит на жртвите од ерменскиот геноцид и го прогласи свети Григориј Нарекски за Учител на Црквата, како и апостолската посета на Фрањо на Ерменија во 2016 година. Во 2018 година, во Ватиканските градини беше откриена скулптура на свети Григориј Нарекски, во присуство на Карекин II, Арам I, Крикор Бедрос XX и тогашниот претседател на Ерменија, Серж Саргсјан. Карекин II потоа се сретна со Фрањо уште двапати – во 2018 и во 2020 година.
Ватикан њуз/к.мк