Папата се моли за Мозамбик: лидерите на земјата да го вратат мирот и безбедноста

Папата се моли за Мозамбик: лидерите на земјата да го вратат мирот и безбедноста

По неделниот Ангел Господов, папата Лав XIV ги насочи своите мисли кон покраината Кабо Делгадо во Мозамбик и кон Украина, повикувајќи на молитва и близина со луѓето ранети од насилство и војна.

На крајот од молитвата Ангел Господов во недела, 24 август 2025 година, папата Лав XIV повторно го сврте вниманието на светот кон регионите што страдаат од насилство, упатувајќи повик за молитва и конкретна солидарност.

Близина со Мозамбик

Папата најпрво ја изрази својата загриженост за луѓето од Кабо Делгадо во Мозамбик, кои со години трпат несигурност предизвикана од екстремното насилство. Од 2017 година, нападите во северната покраина однесоа илјадници животи, а повеќе од еден милион луѓе се принудени да ги напуштат своите домови, барајќи засолниште и безбедност во други делови од земјата.

„Ја изразувам мојата близина со луѓето од Кабо Делгадо кои станаа жртви на несигурна и насилна ситуација која продолжува да предизвикува смрт и раселување“, рече папата Лав. Тој ги повика верниците да ги имаат на ум „овие наши браќа и сестри“ и изрази надеж дека напорите на водачите на Мозамбик ќе донесат обновување на безбедноста и мирот.

Молитва за Украина

Потоа папата Лав се потсети на денот на молитва и пост, што се одржа во петок, 22 август, за сите кои страдаат поради последиците од војната. Во овој контекст, и по повод годишнината од независноста на Украина, тој ја истакна иницијативата „Светска молитва за Украина“, духовен повик кој ги обединува христијаните и луѓето со добра волја ширум светот, доверувајќи ја нацијата на Господ.

„Денес“, заклучи папата Лав, „се придружуваме на нашите украински браќа и сестри кои, со духовната иницијатива Светска молитва за Украина, го молат Господ да ѝ подари мир на нивната измачена земја.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот