Папата се моли за мир и дијалог меѓу Пакистан и Авганистан

Папата се моли за мир и дијалог меѓу Пакистан и Авганистан

Папата Лав XIV ги повика Авганистан и Пакистан да се вратат на дијалог по неодамнешните судири и се моли за жртвите од силните поплави во Бразил.

Судирите меѓу Пакистан и Авганистан избувнаа оваа недела, откако Пакистан го обвини својот сосед дека им дава засолниште на бунтовнички групи. Во меѓувреме, двете страни извршија напади на територијата на другата.

Говорејќи по молитвата „Ангел Господов“ во недела 1 март 2026 година, папата Лав XIV ги повика двете страни итно да се вратат на дијалог, изразувајќи длабока загриженост.

Тој се помоли за мир и слога за сите конфликти во светот, вклучително и на Блискиот Исток, каде што нападите врз Иран предизвикаа пошироки тензии во регионот.

„Да се молиме заедно за да преовлада слогата во сите конфликти во светот“, рече Папата. „Само мирот, дар Божји, може да ги излечи раните меѓу народите.“

Поплави во Бразил

Папата Лав исто така ја изрази својата близина со луѓето во бразилската држава Минас Жераис, која во последните денови беше погодена од силни поплави.

„Се молам за жртвите, за семејствата кои ги загубија своите домови и за сите оние што се вклучени во спасувачките операции“, рече тој.

Според извештаите, најмалку 46 лица загинале во југоисточната држава по поројните дождови и обилните поплави. Најголем дел од жртвите се од градовите Хуиз де Фора и Уба, кои се наоѓаат на околу 300 километри северно од Рио де Жанеиро.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот