Во своето пладневно обраќање по светата Литургија за јубилејот на маријанската духовност, Папата ги охрабри страните вклучени во мировниот процес на Блискиот Исток храбро да продолжат по патот што го зацртаа. Тој изрази сочувство за болката на оние кои изгубија сè во војната и упати апел до украинското население погодено од бруталните напади: „Стопирајте го насилството, отворете се за дијалог“. Папата ги посвети своите мисли и на Перу и на жртвите од несреќи на работното место.
Од една страна, Папата изрази надеж, слаба, но светла „како искра“, за Светата Земја по потпишувањето на договорот за прекин на огнот во Газа, а од друга страна, болка за Украина, жртва на нови брутални напади што уништија градови, инфраструктура и човечки животи. Папата Лав XIV размислуваше за овие два воени фронта во денешниот свет во своето пладневно обраќање на недела, 12 октомври 2025 година, на крајот од светата Литургија за јубилејот на маријанската духовност, а од плоштадот Свети Петар упати апел за мир.
Разоружен и разоружувачки мир, како што рече во своето прво појавување пред светот, Папата го придружи со повик за храброст. Храброст да продолжиме да се стремиме за мир, храброст да се отвориме за дијалог, храброст – како што рече во сабота вечерта додека се молеше со Бројаницата на плоштадот Свети Петар и им се обрати на светските лидери – да го положиме оружјето.
Праведен и траен мир
Папата особено се осврна на договорот за започнување на мировниот процес во Светата Земја, за кој истакна дека дал искра надеж. Ги охрабри вклучените страни храбро да продолжат по патот кон мирот.
Праведен, траен мир што ги почитува легитимните аспирации на израелскиот и палестинскиот народ.
Сочувство за болката на оние кои изгубиле сè
Две години конфликт оставија смрт и урнатини насекаде, особено во срцата на оние кои брутално ги загубија своите деца, родители, пријатели, сè – рече Папата, додавајќи:
„Ја споделувам вашата огромна болка со целата Црква. Денес Господовиот допир е насочен особено кон вас, уверен дека, дури и во најтемната темнина, Тој секогаш останува со нас.“
Откривање дека другиот не е непријател
„Dilexi te“ (Отк. 3, 9) – рече Папата, цитирајќи го насловот на својот прв Апостолски поттик, за да ја повтори бесконечната Божја љубов кон човештвото, која, сепак, се чини дека се оддалечува сè повеќе од Господовата заповед да се сакаме едни со други како браќа и сестри. Од Него, „единствениот Мир на човештвото“, Римскиот епископ повика на помош:
„Да молиме да ги излечи сите рани и, со својата милост, да ни помогне да го постигнеме она што сега изгледа човечки невозможно: повторно да откриеме дека другиот не е непријател, туку брат кого мора да го погледнеме, да му простиме и да му понудиме надеж за помирување.“
Запрете го уништувањето во Украина
Фокусирајќи се на актуелните настани, Папата Лав XIV истакна дека со тага ги следи вестите за новите насилни напади што погодија неколку градови и цивилна инфраструктура во Украина, предизвикувајќи смрт на невини луѓе, вклучувајќи деца, и оставајќи многу семејства без електрична енергија и греење. Според претседателот Володимир Зеленски, врз градовите во таа земја се насочени околу 3.100 беспилотни летала, 92 ракети и приближно 1.360 крстосувачки бомби. Многумина се убиени и ранети, особено во регионот Донецк.
„Моето срце,“ рече Папата, „се соединува со страдањето на населението кое со години живее во вознемиреност и лишување.“
„Повторно повикувам да се запре насилството, да се запре уништувањето и да се отвори патот дијалог и мир!“
Политичка транзиција во Перу
Подеднакво силно, Папата ја изрази својата блискост со драгиот народ на Перу, земјата каде што беше мисионер, во овој момент – како што рече – на политичка транзиција. Тој се осврна на најновата криза предизвикана од соборувањето на претседателката Дина Болуарта, која беше на функција од декември 2022 година. Парламентот во Лима неодамна ја разреши по неколкудневните улични протести. Овој развој ја означува седмата промена на раководството во перуанската влада во изминатите девет години.
„Се молам Перу да продолжи по патот на помирување, дијалог и национално единство.“
Спомен за оние кои загинаа на работа
Пред молитвата „Ангел Господов“ пред 50.000 верници собрани на плоштадот, Папата Лав XIV ги спомена жртвите од несреќи на работното место, трагедија која е во пораст и која денес се одбележува во Италија со посебен Ден. „Да се молиме за нив и за безбедноста на сите работници,“ повика Папата.
Ватикан њуз/к.мк