На 6 јуни 2024 година, папата Фрањо во аудиенција ги прими учесниците на пленарната седница на Дикастеријата за клерици, на која размислуваа за три теми: формација на свештениците, промовирање на звањата и постојаниот ѓаконат.
На почетокот Светиот Отец изрази благодарност, наклонетост и близина до свештениците и ѓаконите од целиот свет. Честопати предупредувам за опасностите од клерикализмот и духовната световност – додаде тој – но многу добро знам дека огромното мнозинство свештеници даваат сѐ од себе со великодушност и дух на вера за доброто на Божјиот свет народ, носејќи го товарот на многу тешкотии и соочување со пасторални и духовни предизвици кои понекогаш не се лесни.
Формацијата во семинариите не е доволна
Во продолжение Светиот Отец се осврна на трите теми од седницата, почнувајќи од централната – формацијата на свештениците. Тоа мора да биде постојано, посочи Римскиот бискуп, особено во свет како сегашниот, кој постојано се менува.
Затоа, не можеме да се залажуваме дека е доволна формацијата во Богословијата, поставувајќи сигурни темели еднаш засекогаш – истакна Папата – туку е потребно зацврстување, зајакнување и развивање за да може свештениците да созреваат во човечката димензија, да растат духовно и да пронајдат јазик соодветен за евангелизација, за да можат да одговорат на новите современи прашања.
Многу свештеници се премногу сами
При тоа важно е свештеникот да не е сам. На пат не се оди сам! – нагласи папата Фрањо и додаде дека, за жал, многу свештеници се премногу сами, без благодатта на придружба, без чувство на припадност кој е како појас за спасување во често бурното море на личниот и пасторалниот живот.
Затоа рече дека плетењето силна мрежа на братски односи е приоритетна задача на постојаната формација.
Не се помирувајте со падот на бројот на христијанските повици
Намалувањето на бројот на свештеници и монашки кандидати е еден од големите предизвици за Божјиот народ – истакна Светиот Отец – како и кризата на брачниот повик. Затоа – појасни – во последните пораки за Светскиот ден на молитва за звања, намерата е проширена на сите христијански звања, особено на основниот повик – учеништвото, кој ги обединува сите крстени.
Не можеме да се помириме со фактот дека за многу млади е исчезната перспективата на радикална животна понуда. Напротив, мора да размислуваме заедно и да останеме внимателни за знаците на Духот, а вие исто така можете да ја извршите оваа задача благодарение на Папското дело за свештенички звања. Ве повикувам повторно да ја активирате таа реалност со методи погодни за нашето време – рече Папата.
Ѓаконот не е презвитер од втор ред
На крајот се осврна и на постојаниот ѓаконат, чијшто специфичен идентитет денес се доведува во прашање. Потсети дека за вреднувањето на оваа служба, која беше оживеана на Вториот ватикански собор, се осврнува и во Збирниот извештај од првиот состанок на Соборот на Епископската синода за синодалност. Светиот Отец ги повика членовите на Дикастеријата за свештенство да се фокусираат на ѓаконијата на љубов и служење на сиромашните.
Светиот Отец предупреди да бидат внимателни, бидејќи ѓаконот често се смета за презвитер од втор ред, што понекогаш се гледа и на олтарот. Напротив, ѓаконската служба е во корист на сираците, вдовиците, социјалната работа, во Каритас, во делењето на Светите Тајни, помагајќи им на паросите.
На крајот, папата Фрањо ги поттикна присутните секогаш да се трудат Божјиот народ да има пастири според Срцето Христово и да расте во радоста на учеништвото, препорачувајќи ги на застапништво на Дева Марија, Мајка и пример на секој повик.
Ватикан нуз/к.мк