Папата Лав XIV денес ги прими тринаесетте нови амбасадори во Светиот Престол, кои доаѓаат од Узбекистан, Молдавија, Бахреин, Шри Ланка, Пакистан, Либерија, Тајланд, Лесото, Јужна Африка, Фиџи, Микронезија, Латвија и Финска, кои по тој повод му ги предадоа акредитивните писма. Тој ја охрабри соработката во фрагментираното и конфликтно време и изрази надеж за обновен мултилатерален ангажман што ќе ги оживее меѓународните тела основани за решавање на спорови меѓу народите.
Папата Лав XIV е јасен: Светиот Престол нема да молчи пред големите нееднаквости, неправди и кршења на основните човекови права во нашата сè повеќе поделена и склона кон конфликти човечка и глобална заедница. Папата уште еднаш ја истакна и гарантираше улогата и интересот на ватиканската дипломатија во моменталната ситуација во светот. Тој го стори тоа во говорот упатен до новите амбасадори во Светиот Престол, кои му ги предадоа своите акредитиви во сабота, 6 декември 2025 година. Има тринаесет нови амбасадори, а тие доаѓаат од Узбекистан, Молдавија, Бахреин, Шри Ланка, Пакистан, Либерија, Тајланд, Лесото, Јужна Африка, Фиџи, Микронезија, Латвија и Финска. Зборуваме за претставници од пет континенти кои Папата ги прими на аудиенција и ги потсети на значењето и причината за постоењето на дипломатијата на Светиот Престол. Тоа е дипломатија обликувана според вредностите на Евангелието, постојано фокусирана на служење на доброто на човештвото, особено со будење на совеста и внимателна кон гласовите на оние кои се сиромашни, во ранливи ситуации или маргинализирани од општеството.
„Разоружен и разоружувачки“ мир
„Надеж“ и „мир“ се два клучни збора кои Папата ги истакна во својот говор пред дипломатите. Надежта во светлината на Јубилејот посветен на неа, прослава која – како што рече – ги охрабрува сите повторно да ја откријат довербата што ни е потребна, во Црквата и во општеството, во нашите меѓучовечки односи, во меѓународните односи и во нашата задача да го промовираме достоинството на сите луѓе и почитувањето на Божјиот дар на создавањето.
Мир, меѓутоа; „разоружен и разоружувачки“ мир, е апелот што Папата го упати до светот на својот прв јавен настап по конклавата. Мирот не е само отсуство на конфликт, туку активен дар кој се бара, изграден во срцето и почнувајќи од срцето – рече Папата. Мирот нè повикува секој од нас да се откажеме од гордоста и одмаздата и да се спротивставиме на искушението да ги користиме зборовите како оружје. Тоа е визија што стана поитна денес од кога било, бидејќи геополитичките тензии и поделбите продолжуваат да се влошуваат на начини што ги оптоваруваат народите и ги ставаат врските на човечкото семејство на голем тест – предупреди Папата.
Нов мултилатерализам
Поради овие превирања, особено сиромашните и маргинализираните страдаат повеќе од другите. Во оваа смисла, папата Лав XIV потсети на Апостолскиот поттик Dilexi Te да нагласи уште еднаш дека светот не може да си дозволи да им го сврти грбот на оние кои, поради брзите економски и технолошки промени, лесно стануваат невидливи. Затоа, тој изрази надеж дека дипломатската мисија, како и конструктивните односи меѓу Светиот Престол и различните narodi, ќе обезбедат конкретна помош во справувањето со овие сериозни проблеми. Можеби тие можат да придонесат и за обновен дух на мултилатерално вклучување во време кога е апсолутно неопходно, оживувајќи ги меѓународните тела основани за решавање на спорови меѓу народите – истакна Папата.
Поддршка од Државниот секретаријат
Верувам дека заедно можеме да ја истакнеме тешката положба на оние на кои им е потребна помош, а кои премногу често се заборавени, и дека нашата заедничка посветеност ќе ја поттикне меѓународната заедница да ги постави темелите за поправеден, братски и мирен свет – рече папата Лав XIV, кој ги увери новите амбасадори во поддршката на Државниот секретаријат во овие први чекори од нивната мисија. Тој посака нивната служба да придонесе за отворање на вратите за дијалог, промовирање на единството и унапредување на мирот за кој човечкото семејство многу копнее.
Ватикан њуз/к.мк

