Папата: Света Роза од Лима е светол пример за нашиот повик на светост

Папата: Света Роза од Лима е светол пример за нашиот повик на светост

Папата Лав XIV благослови мозаик на Богородица и статуа на Света Роза од Лима во Ватиканските градини, искажувајќи почит кон првиот светец роден во Америка како пример за нашето земно патување на осветување.

Природната убавина на Ватиканските градини беше збогатена во саботата со две нови икони: мозаик на кој е прикажана Пресвета Богородица и статуа на Света Роза од Лима.

Папата Лав XIV го предводеше благословот, на кој присуствуваа амбасадорот на Перу во Светиот Престол, Хорхе Понсе Сан Роман, и претседателот на Перуанската бискупска конференцијата, бискупот Карлос Енрике Гарсија Камадер од Лурин.

„Овој гест ги обновува длабоките врски на верата и пријателството што го обединуваат Перу – земја што ми е толку драга – со Светиот Престол“, рече Папата на крајот од обредот.

Ватиканските градини, додаде тој, се „прекрасно место, каде што сè ни зборува за Создателот и за убавината на созданието“.

Тој им се заблагодари на уметниците кои ги создадоа двете уметнички дела кои сега најдоа постојан дом во државата Ватикан.

Нарачани од Перуанската бискупска конференцијата, делата се создадени од „Семејството занаетчии Дон Боско“, здружение на млади луѓе од перуанските Анди.

„Двата лика што се повикуваат – нашата небесна Мајка и првата латиноамериканска светица, Розата од Лима – нè водат кон темата на светоста“, рече Папата.

Тој потсети на повикот на Вториот ватикански собор до сите верници да ја бараат полнотата на христијанскиот живот и совршенството на милосрдието.

„Светоста на Божјиот народ ќе донесе изобилни плодови, како што историјата на Црквата величествено покажува во животите на толку многу светци“, рече тој, цитирајќи го Догматската конституција Lumen gentium.

Папата Лав ги повика христијаните да ја прифатат „величината на повикот на кој нè повикува Бог, односно универзалниот повик на светост“.

На крајот, Папата се помоли Дева Марија и Света Роза од Лима да се застапуваат на нашиот пат кон небесната татковина.

„Ве охрабрувам да бидете, со Божја милост, сведоци и примери за светост во денешниот свет“ – рече папата Лав.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот