Папата: Посетата на Алжир е „посебен благослов“ и можност за промовирање на дијалогот

Папата: Посетата на Алжир е „посебен благослов“ и можност за промовирање на дијалогот

Во папскиот авион на пат за Камерун, папата Лав XIV се осврна на своето апостолско патување во Алжир, нарекувајќи го „посебен благослов за мене лично“ и „прекрасна можност да продолжам да градам мостови и да го промовирам дијалогот“.

Во среда додека леташе од Алжир кон Јаунде, папата Лав XIV со околу седумдесетте новинари што патуваа со него во папскиот авион ги сподели своите размислувања за штотуку завршеното апостолско патување во Алжир.

Тој го започна обраќањето со благодарност до алжирските цивилни власти за топлото добредојде и за честа што ја укажале на Светиот Престол.

Папата рече дека воената придружба што му била обезбедена на папскиот авион во алжирскиот воздушен простор претставува „знак на добрина, дарежливост и почит што алжирскиот народ и алжирската влада сакаа да ја покажат кон Светиот Престол и кон мене лично“.

Тој упати благодарност и до „многу малото, но многу важно“ присуство на Католичката црква во Алжир за добредојдето што му го приредила.

Потсетувајќи на посетите на базиликата „Богородица Африканска“ во Алжир и на базиликата „Свети Августин“ во Анаба, папата Лав XIV се осврна на наследството на Свети Августин.

„Тој и денес е многу важна личност“, рече Папата, „затоа што неговите дела, неговото учење, неговата духовност, неговиот повик да се бара Бог и да се бара вистината, претставуваат порака што и денес е многу потребна, жива и актуелна за сите нас, како верници во Исус Христос, но и за сите луѓе.“

Иако огромното мнозинство Алжирци не се католици, многумина од нив, рече тој, „многу го почитуваат споменот на Свети Августин како еден од големите синови на својата земја“.

„За мене лично беше посебен благослов повторно да се вратам во Анаба“, рече папата Лав XIV, „а воедно и можност на Црквата и на светот да им се понуди визијата што Свети Августин ни ја остава во однос на потрагата по Бога и напорот за градење заедница, за барање единство меѓу сите народи и за почит кон сите луѓе, и покрај разликите.“

Папата Лав XIV истакна дека алжирските христијани даваат големо сведоштво за тоа како се живее во мир со своите муслимански браќа и сестри, и покрај културните и верските разлики.

„Во овие два дена во Алжир навистина имавме прекрасна можност да продолжиме да градиме мостови и да го промовираме дијалогот“, заклучи тој. „Мислам дека посетата на џамијата беше особено важна, затоа што покажа дека, иако имаме различни верувања, различни начини на богослужба и различни начини на живот, можеме да живееме заедно во мир.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот