Папата: „Не“ за рамнодушноста или дискриминацијата на бродовите што бараат безбедно пристаниште

Папата: „Не“ за рамнодушноста или дискриминацијата на бродовите што бараат безбедно пристаниште

На светата Литургија по повод Јубилејот на мисионерскиот свет и мигрантите, Папата Лав XIV поттикна: да се продолжи Христовото дело на перифериите на светот, кои често се обележани со војна, неправда и страдање. На оние што прашуваат каде е Бог во овие темни времиња, Папата им упати охрабрување да ја негуваат верата која, нагласи тој, не само што помага да се одолее на злото со истрајување во доброто, туку го преобразува човечкото постоење и го прави средство за спасение.

Мисионерите и мигрантите денес се поврзани преку своето патување преку граници. Овие граници често се означени со дискриминација и насилство, кога мигрантите бараат гостопримлива земја. Но, тие граници стануваат и место каде Црквата повторно го преиспитува значењето на мисијата – како дело што се остварува во простори на егзистенцијална криза, а не само во далечни географски предели. Ова беше сржта на проповедта на Папата Лав XIV на светата Литургија што ја служеше во недела, 5 октомври 2025 година, на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“, во присуство на четириесет илјади верници кои, и покрај дождот, учествуваа со радост.

Да се продолжи Христовото дело на перифериите на светот

Мисионерскиот повик произлегува од желбата да се пренесе радоста и утехата на Евангелието до сите – нагласи Папата – особено до оние чии животи се тешки и ранливи. Папата со посебна мисла се обрати кон нашите браќа и сестри мигранти, кон нивниот страв и осаменост додека нивните тела и соништа го преминуваат морето и границите. Тој ги повтори, зборовите на папата Фрањо, дека целата Црква е мисионерска, Папата Лав повика да се продолжи Христовото дело на перифериите на светот, обележани со војна, неправда и страдање.

Го постави големото прашање што се шири во овие времиња исполнети со крвопролевања: Соочени со такви сцени, рече, одекнува крикот што многупати низ историјата бил упатен кон Бога: „Зошто, Господи, не интервенираш? Зошто изгледа дека си отсутен?“ Потсети на посетата на папата Бенедикт XVI на Аушвиц, кога истото прашање повторно се јави, и додаде:

„Одговорот на Господ ја отвора надежта. Пророкот го претставува силното присуство на злото кое изгледа дека преовладува, но Господ му открива дека сè има свој крај, бидејќи спасението ќе дојде и нема да задоцни: ‘Ете, неправедната душа ќе пропадне, а праведникот ќе живее од својата вера’ (Авакум 2,4).“

Затоа постои живот, нова можност за спасение што произлегува од верата, бидејќи таа го преобразува човекот и го прави средство преку кое Бог и денес го излева своето спасение во светот.

Границите на мисијата не се повеќе географски

Папата зборуваше за спасението што го нуди Евангелието, кое не се наметнува со сила, туку расте тивко, како што рече, „навидум неефикасно“. Тоа спасение расте кога човек станува „непотребен слуга“, како што го нарекува Евангелието според Лука, односно кога се става во служба на Евангелието и на браќата и сестрите, а не на личниот интерес. Тоа е вистинскиот мисионерски дух.

Папата Павле VI го изрази тоа јасно во својата Порака за Светскиот ден на мисиите во 1971 година, кога зборуваше за „бездна на сомнеж и невидена очајност“, придружена со големи подеми на напредок. И навистина, рече Папата Лав XIV, многу малку се променило.

„Денес, во историјата на Црквата започнува нова мисионерска ера. Долго време мисијата ја поврзувавме со патување во далечни земји што сè уште не го познаваат Евангелието. Денес границите на мисијата не се географски, бидејќи сиромаштијата, страдањето и потрагата по надеж доаѓаат кон нас.“

Да ги раширеме нашите раце и срца за оние што доаѓаат од проблематични земји

Не станува збор толку за заминување, туку за останување за да го проповедаме Христос преку прифаќање, сочувство и солидарност – истакна Папата, објаснувајќи го значењето на останувањето. Имено, не станува збор за затворање во удобноста на нашиот индивидуализам, туку да се остане за да ги погледнеме лицата на оние кои доаѓаат од далечни и измачени земји. Да ги отвориме нашите раце и срца, да ги пречекаме како браќа и сестри и да бидеме за нив присуство на утеха и надеж.

Браќа и сестри, тие бродови кои се надеваат дека ќе видат безбедно пристаниште каде што ќе застанат, и тие очи полни со вознемиреност и надеж кои бараат цврста земја на која ќе стапнат, не можат и не смеат да се сретнат со студенилото на рамнодушноста или стигмата на дискриминацијата!

Повторно започнување на мисиите за подинамично христијанство

Потоа Папата апелираше до бројните мисионери, мисионерки и мирјани кои работат во служба на мигрантите и до секој од нас, да промовираме нова култура на братство по прашањата за миграцијата, без стереотипи и предрасуди. Тој исто така охрабри промоција на обновена мисионерска соработка меѓу Црквите, за да може христијанството да биде поотворено, поживо и подинамично. Во исто време, секој мисионер кој оди во други земји е повикан со почит да живее во културите со кои се среќава, насочувајќи кон добро сè што е благородно и вредно во нив и носејќи им го пророштвото на Евангелието.

Исто така, би сакал да потсетам на убавината и важноста на мисионерските позиви. Особено се обраќам до Црквата во Европа: денес е потребен нов мисионерски импулс, за мирјаните, монасите и свештениците кои ќе ја понудат својата служба во мисионерските земји, за нови предлози и стручни искуства кои можат да ја разбудат оваа желба, особено кај младите.

Мигранти, секогаш сте добредојдени

Светиот Отец го придружи својот последен благослов со зборови на љубов за оние кои се соочуваат со многу форми на присилна миграција. Тој ѝ ги довери на Марија, „првата мисионерка на својот Син“, која брза кон јудејските ридови, носејќи го Исус во својата утроба и ставајќи се во служба на Елисавета. Нека нè поткрепи – се помоли Папата – секој од нас да стане соработник во Царството Христово, Царство на љубовта, правдата и мирот. Тој посебно им се обрати на мигрантите: Секогаш сте добредојдени! Морињата и пустините што сте ги поминале се, во Светото Писмо, „места на спасение“, каде што Бог е присутен за да го спаси својот народ. Ви посакувам да наидете ова лице Божјо во мисионерите што ќе ги сретнете!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот