Не сме знаеле одговорно да го чуваме создаденото – истакна папата Фрањо во пораката објавена по повод Светскиот ден на молитва за грижа за создаденото, кој оваа година е посветен на водата тој толку едноставен и скапоцен фактор чиј пристап за жал за многумина е тежок, ако не и невозможен.
Потсетувајќи на вистинското и гледањето на човекот во целост за подобро да се грижи за планетата – што е една од важните теми во енцикликата „Laudato si“ – Папата го истакна големиот општествен долг на светот кој го има кон сиромашните кои немаат пристап до питка вода. Притоа напомена дека тоа е негирање на правото на животот кое е вкоренето во нивното неотуѓиво достоинство.
Приватизација на водата и на човековите права
Светиот Отец потоа истакна дека водата е поврзана со почетоците на човекот и со големите цивилизации кои се создавале токму во близина на водотеци – затоа – истакна – грижата за изворите и водните базени е итен императив. Треба да се надмине утилитарниот менталитет, затоа што неопходни се заеднички проекти и конкретни дела, водејќи притоа сметка дека е неприфатлива секаква приватизација на природните добра како што е водата, која оди на штета на човековото право за пристап до тоа добро.
Да се задоволи жедта
За нас христијаните водата е важен фактор за прочистување и живот – вели папата Фрањо. Крштението е света Тајна на повторно раѓање, благословен извор на живот кој повеќе не умира. Господ и понатаму бара да се задоволи неговата жед. Да се даде да се пие во глобалниот свет, не опфаќа само лични каритативни гестови, туку конкретни одлуки и постојано ангажирање за на сите да им се загарантира најважното добро, водата.
Да се заштитат морињата од пластика
Што се однесува до проблемот со морињата и океаните Папата во пораката поттикнува на прифаќање на предизвиците за соработка, таму каде недостасуваат прописи и надзор, за да се заштитат морските подрачја надвор од националните граници. Не можеме да дозволиме морињата и океаните да се наполнат со купови лебдечка пластика – предупреди папата и напомена дека сме повикани активно да се заземеме и во решавањето на тој проблем.
Водата, знак на средба помеѓу луѓето
Посакувајќи потоа водата да не биде знак на разделување меѓу нардите, туку напротив знак на средба за човечката заедница, Папата повика на молитва за заштита на оние кои го ризикуваат животот на брановите барајќи подобра иднина. Освен тоа политиката ја поттикнува на соочување со предизвиците на нашето време, како што се миграцијата и климатските промени, и тоа одговорно и долгорочно, гледајќи кон иднината и великодушно и во духот на соработката, посебно меѓу земјите кои имаат поголеми можности. Папата Фрањо на крајот своите мисли ги сврте кон оние кои се заземаат за заштита на водотеците, морињата и океаните во перспектива на општото добро за целото човечко семејство, а не за посебни интереси.
Ватикан њуз/к.мк