За време на светата Литургија за Јубилејот на младите во Тор Вергата, папата Лав XIV ги потсети младите дека Исус е нашата надеж и ги повика да „бидат авантуристи со Господ кон вечноста“, додека Господ „нежно тропа“ на прозорецот на нивната душа.
Исус е нашата надеж, авантура со Него низ целиот ваш живот, дозволете Му да ве просветли…
Папата Лав XIV ова го истакна за време на светата Литургија по повод Јубилејот на младите во Тор Вергата, Рим, во недела, 3 август 2025 година.
Светиот Отец ја започна својата проповед истакнувајќи дека, иако денешната литургија не го спомнува директно тој евангелскиот текст, сепак нè повикува да размислуваме за средбата со Воскреснатиот „Кој ги преобразува нашите животи и ги просветлува нашите чувства, желби и мисли“.
Господ тропа на прозорецот на нашата душа
Тој истакна дека првото читање, земено од Книгата Проповедник, нè повикува, како и двајцата ученици, да се помириме со искуството на нашите ограничувања и минливоста на сите работи што одминуваат.
„Не сме создадени за живот во кој сè се зема здраво за готово и е статично, туку за постоење кое постојано се обновува преку дарување на себеси во љубов.“ Затоа, рече тој, „постојано се стремиме кон нешто ‘повеќе’ што ниедна создадена реалност не може да ни го даде; чувствуваме длабока и силна жед што ниеден пијалок на овој свет не може да ја задоволи.“
„Знаејќи го ова“, продолжи тој, „да не ги лажеме нашите срца обидувајќи се да ги задоволиме со евтини имитации! Напротив, да ги слушаме!“
„Да ја претвориме оваа жед“, предложи Светиот Отец, „во скалило, како деца што стојат на прсти за да ѕирнат низ прозорецот на средбата со Бога. Тогаш ќе се најдеме пред Него, Кој нè чека, нежно тропајќи на прозорецот на нашата душа.“
Мудроста на свети Августин
„Навистина е прекрасно, особено во младоста“, рече Светиот Отец, „да ги отворите широко вашите срца, да Му дозволите да влезе и да тргнете на оваа авантура со Него кон вечноста.“
Свети Августин, размислувајќи за својата интензивна потрага по Бога, потсети Папата, се прашал: „Кој е тогаш предмет на нашата надеж […]?“
Прашувајќи дали нашиот извор на надеж е земјата или нешто убаво што произлегува од неа, тој нагласи дека не се, туку „Оној Кој ги создал“ „Тој е твојата надеж.“
Свети Августин, потсети папата Лав XIV, размислувајќи за своето животно патување, се молел и рекол: „Ти [Господи] беше во мене, но јас бев надвор, и таму Те барав […] Ти повикував, извикував и ја проби мојата глувост.“
Како и Августин во својата потрага по смисла, така и младите, рече Папата, понекогаш размислуваат за слични прашања.
Работи што се повисоки
Папата призна: „Во нашите срца постои горливо прашање, потреба за вистина што не можеме да ја игнорираме и што нè наведува да се прашаме: што е вистинска среќа? Кој е вистинскиот смисол на животот? Што може да нè ослободи од заробеноста во бесмисленост, досада и просечност?“
Во последните денови, потсети папата Лав, младите доживеале многу убави искуства, додавајќи дека преку сето тоа „можете да сфатите една важна поента“: полнотата на нашето постоење не зависи од тоа што собираме или, како што слушнавме во Евангелието, од она што го поседуваме.
Напротив, рече тој, полнотата е поврзана со она што радосно го прифаќаме и го споделуваме. „Купувањето, собирањето и трошењето не се доволни. Треба да ги подигнеме очите и да погледнеме нагоре, кон ‘работите што се горе…’“
Исус е нашата надеж
„Драги млади, Исус е нашата надеж“, потенцираше папата Лав.
Како што рече свети Иван Павле II обраќајќи им се на младите на истото место за време на Јубилејот во 2000 година, се присети папата Лав, „Тој е Кој во вас ја буди желбата да направите нешто големо со вашиот живот […] да се посветите… на подобрување на себеси и на општеството, правејќи го светот почовечен и побратски.“
Затоа, Светиот Отец ги повика: „Останете обединети со Него, останете во Неговото пријателство секогаш, негувајќи го преку молитва, обожавање, евхаристиска причест, честа исповед и великодушно милосрдие, следејќи ги примерите на блажениот Пјер Џорџо Фрасати и блажениот Карло Акутис, кои наскоро ќе бидат прогласени за светци.“
И затоа, продолжи тој, „тежнејте кон големи нешта, кон светост, каде и да сте. Не задоволувајте се со помалку. Тогаш ќе ја видите светлината на Евангелието како расте секој ден, во вас и околу вас.“
На крајот, откако ги довери младите на Пресвета Богородица, папата Лав XIV ја заврши својата порака повикувајќи ги малдите, кога ќе се вратат дома, „да продолжат радосно да одат по стапките на Спасителот и да го шират својот ентузијазам и сведоштвото за својата вера на секого што ќе го сретнат!“
Ватикан њуз/к.мк