На почетокот на Великиот пост, папата Лав рече дека пепелта нè потсетува на „тежината на свет што гори, на цели градови разурнати од војна“.
Папата Лав на Пепелница, 18 февруари 2026 година размислуваше за покајанието, заедништвото и смртта, предводејќи ја светата Литургија на Пепелница во римската базилика Света Сабина.
Пепелта што присутните ќе ја примат на челото, рече тој, нè потсетува на „тежината на свет што гори, на цели градови разурнати од војна“.
Состојбата на светот, нагласи папата Лав, нè повикува во оваа Пепелница „да ја наречеме смртта со нејзиното вистинско име и да ги носиме нејзините белези во нас“.
Грев, јавен и личен
Пепелница е првиот ден од Великиот пост, четириесетдневниот период на пост и молитва што му претходи на Велигден.
Ова, рече Папата, е „време за заедништво“. Денес, забележа тој, заедништвото станува сè поретко, но Великиот пост ги собира луѓето заедно, како „заедница на сведоци која ги препознава своите гревови“.
Тие гревови, истакна папата Лав, се и лични и заеднички. Гревот „го измачува нашето срце и постои во нас“. Во исто време, тој се одвива и во пошироки „структури на грев“, кои можат да бидат „економски, културни, политички, па дури и религиозни“ по својата природа.
Великиот пост, подвлече Папата, значи „да се осмелиме да бидеме слободни“ од сето тоа, преку покајание и промена.
„Мисионерското значење“ на Великиот пост
Во денешната секуларна епоха, рече Папата, оваа порака е особено привлечна, посебно за младите.
Младите, предложи тој, особено јасно разбираат дека „треба да има одговорност за неправдите во Црквата и во светот“.
Затоа, наместо да го гледаат Великиот пост како приватна побожност, рече Папата, христијаните треба да бараат начини да го приближат и до „многуте немирни луѓе со добра волја“ кои бараат „автентични начини да го обноват својот живот“.
Ватикан њуз/к.мк

