Генерална аудиенција: Морално е неопходно да се стави крај на производството и трговијата со дрога
По повод Меѓународниот ден против злоупотреба и незаконска трговија на дрога, папата Фрањо ја посвети својата катехеза на Генералната аудиенција на „моралната должност“ што ја имаме да го запреме производството и трговијата со овие „опасни материи“.
Секој зависник има лична приказна и, повеќе од кога било, го има достоинството на Божјо дете, но употребата на дрога предизвикува голема штета на сите нивоа на општеството, предупреди Папата.
Намалувањето на зависноста од дрога не може да се постигне со либерализација на нејзината потрошувачка, како што е предложено или веќе имплементирано во некои земји. Познавајќи многу трагични приказни за зависниците од дрога и нивните семејства, убеден сум дека е морално неопходно да се стави крај на производството и трговијата со овие опасни материи. Колку само трговците на смртта се водат од логиката на моќ и пари по секоја цена! Ова зло, кое произведува насилство и сее страдање и смрт, бара чин на храброст од целото општество.
Соочени со трагичната ситуација на зависност од дрога на милиони луѓе ширум светот и со скандалот со недозволено производство и трговија со дрога, „не можеме да останеме рамнодушни“, нагласи Светиот Отец, повикувајќи на акција, наследувајќи го Исусовиот пример полн со љубов.
По примерот на неговата блискост и ние сме повикани да дејствуваме, да застанеме пред ситуациите на кревкост и болка, да знаеме да го слушаме плачот на осаменоста и вознемиреноста, да се наведнеме за да подигнеме и да ги вратиме во нов живот оние кои паѓаат во ропството на дрогата.
Производството и трговијата со дрога, додаде Папата, има и деструктивно влијание врз животната средина, наведувајќи го како пример ефектот врз Амазон.
Со оглед на сето ова, папата Фрањо повика на сузбивање преку превенција. Тоа се спроведува со „промовирање поголема правда, едукација на младите луѓе за вредности кои го градат личниот и заедничкиот живот, следејќи ги оние кои се во тешкотии и им даваат надеж за иднината“, рече Папата.
Тој се присети на неговите апостолски патувања и неговите посети на терапевтски заедници вдахновени од Евангелието. „Тие се силно сведоштво полно со надеж за посветеноста на свештениците, посветените и мирјаните да ја спроведат на дело параболата за Добриот Самарјанин. Исто така, ме тешат напорите што ги преземаат различните Епископски конференции за промовирање праведни закони и политики во однос на лекувањето на зависниците од дрога, како и превенцијата за да се запре ова зло“, истакна Светиот Отец.
Своите размислувања ги заврши со повик до христијаните и црковните заедници да се молат за таа накана и да ја обноват својата посветеност.
Поздравувајќи ги италијанските ходочесници на Генералната аудиенција, тој напомена дека оваа недела се празнува празникот на светите Петар и Павле, патрони на Рим. „Бидете ученици мисионери следејќи го нивниот пример, сведочејќи ја насекаде за убавината на Евангелието. На нивното застапништво го довери народот на Украина, Палестина и Израел за наскоро повторно да најдат мир“, истакна папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк