Папата на Ангел Господов: Христос вистински ја задоволува гладта на човештвото

Папата на Ангел Господов: Христос вистински ја задоволува гладта на човештвото

За време на неделното обраќање по молитвата „Ангел Господов“, папата Лав XIV размислуваше за чудото со лебовите и рибите и ги потсети верниците дека средбата со Христос е искуство што го храни човекот.

Христос вистински ја задоволува гладта на човештвото, им порача папата Лав XIV на верниците за време на пладневното обраќање по молитвата „Ангел Господов“ во недела, 2 август 2026 година.

Размислувајќи за неделното Евангелие според свети Матеј, во кое се опишува чудото со лебовите и рибите, Папата истакна дека Исус не само што ги исцелува оние на кои им недостига здравје, туку и го храни човештвото со Своите изобилни дарови.

Во евангелскиот пасус, свети Матеј раскажува како Исус, трогнат од сочувство кон народот, чудесно нахранил повеќе од пет илјади луѓе со пет леба и две риби.

Папата потсети дека Исус правел знаци, односно дела што ја откриваат Неговата посебна љубов кон нас и спасението што го носи на светот. Меѓу нив се и враќањето на видот на слепите и слухот на глувите.

Правејќи го тоа, Христос, забележа Папата, не врши само чудесни дела, туку им објавува на сите дека Божјото Царство е близу.

Средбата со Господ е искуство што храни

Папата ги потсети верниците дека извештајот за умножувањето на лебовите не покажува само како Исус ги храни гладните. Тој открива дека самата средба со Господ е искуство што го храни човекот.

Говорејќи за настанот кога сите се наситиле, а останале уште дванаесет кошници, Светиот Отец нагласи дека со Христос нашите потреби се задоволуваат изобилно.

Потсетувајќи дека Господовата промислителна грижа за нас никогаш не престанува, Папата рече дека „Христос вистински ја задоволува гладта на човештвото, нашата глад за вистина и живот“.

„Духовната болест“ на алчноста

Папата Лав XIV предупреди и на злото на алчноста, кое често се покажува преку натрупување и расипништво.

„Оваа духовна болест“, рече тој, „ги вкочанува сетилата, кои се опиваат со богатство, до тој степен што човекот заборава на оние што плачат од глад и викаат од жед.“

„Пред пустините на војната и горделивоста“, поттикна Папата, „да размислиме со каква љубов Господ погледна кон небото, благослови, ги прекрши лебовите и им ги даде на Своите ученици, за тие да ги поделат на народот.“

Да растеме во милосрдие преку благодатта на Евхаристијата

Во ова чудо на милосрдието, рече Папата, ги препознаваме карактеристичните дела на Исус, кои достигнуваат полнота на Последната вечера, кога Господ ни го даде Својот живот како наш брат.

Затоа папата Лав XIV ги повика верниците, кога ја вкусуваат благодатта на Евхаристијата, да сведочат за нејзината убавина преку своите секојдневни постапки. Тоа може да започне и со едноставен гест, како благословување на оброците споделени со семејството и пријателите.

Во друштво на Исус, истакна Папата, дури и одморите можат да станат прилики за братска ведрина, ако им помогнеме на ближните што се во потреба.

На крајот, папата Лав XIV се обрати на Дева Марија, нашата нежна Мајка, молејќи таа да ни помогне да растеме во милосрдието, за никој да не остане без својот „секојдневен леб“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот