Папата: Народните движења мора да ја пополнат празнината што ја остава нечовечката рамнодушност на општеството

Папата: Народните движења мора да ја пополнат празнината што ја остава нечовечката рамнодушност на општеството

Папата Лав XIV се сретна со учесниците на Петaтта светска средба на народните движења и остро ги критикуваше нехуманите општествени структури кои создаваат смрт и продлабочуваат екстремна нееднаквост.

Во четврток 23 октомври 2025 година, Папата Лав XIV го презеде гласот на својот голем претходник, папата Лав XIII, на средбата со учесниците на Петтатта светска средба на народните движења.

Во своето обраќање, тој се осврна на длабоките неправди што ги оптоваруваат општествата ширум светот, прераскажувајќи ги „новите работи“ опишани во првата социјална енциклика на Црквата — Rerum Novarum.

Иако крајот на XIX век бил обележан со брз технолошки напредок и индустриски развој, папата Лав XIII го насочил вниманието кон страдањата на сиромашните и угнетените. Тој ја осудил состојбата во која мнозинството луѓе било подложено на волјата на малкумина, работници кои живееле во услови „едвај подобри од ропство“.

Црквата на страната на сиромашните

Папата Лав XIV потсети дека народните движења се раѓаат од перифериите на општеството, од местата каде што луѓето најостро ја чувствуваат неправдата и бараат правичност.

„Она што го сметам за најважно,“ рече Папата, „е вашата служба да биде оживеана од љубов. Познавам многу такви заедници ширум светот — вистински простори исполнети со вера, надеж и љубов — која останува најголемата крепост од сите.“

Тој потсети дека Црквата, „сиромашна Црква за сиромашните“, мора храбро и пророчки да оди рака под рака со народните движења, бидејќи Христос го покажува своето лице токму во лицето на сиромашните.

„Сиромашните не се на маргините, тие се во центарот на Евангелието,“ нагласи Папата, додавајќи дека нееднаквоста е „коренот на сите општествени зла“.

Нехуманоста на современите системи

Како и во времето на Лав XIII, исклучувањето и денес претставува новото лице на неправдата. Папата изрази жалење за „системската самоволност“ на современите економски и технолошки структури, во кои „вештачката интелигенција е во нашите џебови, а милиони луѓе живеат без основните услови за достоинствен живот“.

„Лошото управување,“ рече тој, „само ги зголемува нееднаквостите, оправдувајќи го тоа со зборот ‘напредок’. Но систем кој во своето средиште го нема човековото достоинство не може да биде праведен.“

Климатска криза и дигитално поробување

Папата наброја повеќе современи „рани“ на човештвото. Климатската криза, според него, е најочигледниот пример за неправдата што ја трпат сиромашните, бидејќи токму тие најмногу страдаат од екстремни временски услови.

Дополнително, тој укажа дека социјалните мрежи создаваат нереални копнежи и илузии за луксузен живот, продлабочувајќи го чувството на сиромаштија и изолација.

„Дигиталните платформи за коцкање,“ предупреди Папата, „ја злоупотребуваат човечката слабост, создавајќи зависност и чувство на безнадежност.“

Идолопоклонство на телото и зависност од лекови

Папата Лав XIV остро ја осуди тенденцијата фармацевтската индустрија да промовира „култ на физичката благосостојба“, во кој телото станува објект на идолопоклонство, а страдањето се смета за нешто нечовечко.

Овој став, според него, води кон опасна зависност од лекови и смртоносни супстанции како опиоиди и фентанил, проблем кој особено ги погодува Соединетите Американски Држави.

Експлоатација на природни ресурси

Папата истакна дека колтанот, основна суровина за модерните технолошки уреди, довел до паравоено насилство и детски труд во сиромашните региони, особено во Демократска Република Конго.

„Литиумот,“ додаде тој, „е уште еден пример: конкуренцијата меѓу големите сили и корпорации за негово ископување претставува закана за суверенитетот и стабилноста на сиромашните држави.“

Миграција и човечко достоинство

Папата ја потврди законитоста на правото на државите да ги заштитат своите граници, но подвлече дека тоа мора да се усогласи со моралната обврска за давање засолниште.

„Сè почесто се применуваат нечовечки мерки — дури и се слават политички — кои ги третираат мигрантите како отпад, а не како човечки суштества,“ рече тој. „А христијанството, пак, говори за Бог кој е љубов, кој нè создава и нè повикува да живееме како браќа и сестри.“

Народните движења – чувари на човечноста

Папата Лав XIV им се заблагодари на народните движења и граѓанските организации што се спротивставуваат на овие процеси на дехуманизација, нарекувајќи ги „заштитници на човештвото, сведоци на правдата и поети на солидарноста“.

Тој потсети дека синдикатите и здруженијата на работници денес опфаќаат сè помал дел од работната сила и повеќе не можат да ја обезбедат потребната заштита за ранливите категории.

Пополнување на празнината на рамнодушноста

„Народните движења,“ рече Папата, „се повикани да соработуваат со Црквата и со државите, за да ја пополнат празнината што ја оставија општествените институции од минатото. Тие институции не беа совршени, но нивниот пад ги направи луѓето поранливи од кога било.“

„Црквата ги поддржува вашите праведни борби за земја, домување и работа,“ заврши тој. „Како и мојот претходник Фрањо, верувам дека вистинската промена започнува од темелите, од периферијата кон центарот.“

„Денес ви велам: домувањето, работата и земјиштето се свети права. Вреди да се бориме за нив. И сакам да ме слушнете јасно кога велам: ‘Јас сум тука. Јас сум со вас!’“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот