Пред молитвата „Царице небесна“ со која ја заврши светата Литургија по повод Јубилејот на семејството, папата Лав XIV. повторно се помоли за мир и им се заблагодари на „малите домашни Цркви во кои се прифаќа и пренесува Евангелието“. Го спомена Денот на социјалните комуникации, повикувајќи ги медиумите да се грижат за „етичкиот квалитет на пораките“, како и монахињите маченички кои вчера беа беатифицирани во Полска.
Папата Лав XIV. пред молитвата Царице небесна“ на крајот од светата Литургија, во недела 1 јуни 2025 година, која ја служеше по повод Јубилејот на семејствата, децата, бабите и дедовците и старите лица на плоштадот „Свети Петар“, ги потсети присутните на војната во Украина и повика на молитва за мир.
Дева Марија нека ги благослови семејствата и нека ги поткрепи во нивните тешкотии: особено мислам на оние семејства кои страдаат поради војните на Блискиот Исток, во Украина и во другите делови од светот. Богородица нека ни помогне да одиме заедно по патот на мирот.
Љубов и покрај теророт
Потоа Папата потсети на вчерашната беатификација во Полска на сестра Кристофора Кломфас и четиринаесет монахињи, девици и маченички од Конгрегацијата на Света Катерина, кои во 1945 година беа убиени од војниците на Црвената армија, нагласувајќи дека дури ни војната со своите трагедии не може да го уништи доброто, посебно она што се раѓа од верата.
И покрај климата на омраза и терор против католичката вера, тие продолжија да им служат на болните и сираците. Под застапништвото на новите блажени маченички ги доверуваме сите монахињи во светот кои великодушно се жртвуваат за царството Божјо.
Медиумите и „етичкиот квалитет на пораките“
Светиот Отец ги поздрави и сите учесници на Јубилејот на семејствата, децата, бабите и дедовците и старите лица, и изрази особена радост што пред себе гледа толку многу деца кои, како што рече, „ја оживуваат нашата надеж“, како и бабите и дедовците и старите лица, кои ги опиша како „вистински модели на вера и вдахновение за помладите генерации“. Освен семејствата, на кои им се заблагодари што се „мали домашни Цркви во кои Евангелието се прифаќа и пренесува“, тој изрази благодарност и до медиумските работници по повод Светскиот ден на комуникациите: „Грижејќи се за етичкиот квалитет на пораките, тие им помагаат на семејствата во нивната воспитна задача“, нагласи Папата.
Ватикан њуз/к.мк