Папата Лав XIV ќе се сретне со парохиските заедници и ќе служи света Литургија за време на посетите на сите пет пасторални сектори на Римската епархија, почнувајќи од 27 ноември.
Папата Лав XIV ќе посети пет римски парохии во периодот од 27 ноември до 20 декември, каде што ќе се сретне со локалните заедници и ќе служи света Литургија во рамките на серијата пасторални посети за време на Адвентот.
Римскиот викаријат ја објави програмата во среда, 28 октомври. Како и за време на Великиот пост, Папата ќе посети по една заедница во секој од петте пасторални сектори на епархијата.
Секоја попладневна посета ќе се одвива според слична програма. Кардиналот викар Балдо Реина, генерален викар за Римската епархија, заедно со парохискиот свештеник ќе го пречека папата Лав, кој потоа ќе се сретне со парохиските совети и другите парохиски групи, пред да ја слави Евхаристијата.
„Преку овие парохии слави целата наша епархија“, рече кардиналот Реина.
Тој објасни дека посетите ќе бидат и можност за продолжување на пасторалното преиспитување во заедниците, на кое Папата повика за време на собранието по повод почетокот на пасторалната година.
Прва посета на празникот на Чудотворниот медал
Првата посета ќе се одржи во петок, 27 ноември, кога папата Лав ќе ја посети црквата „Сант’Андреа деле Фрате“ во централниот сектор, на празникот на Чудотворниот медал, кој секоја година привлекува илјадници верници.
„Да го пречекаме Светиот Отец е извор на огромна радост за нас“, рече отец Тарас Јехер, помошник парохиски свештеник. „Да го пречекаме токму на празникот е уште поголем дар од Господ и од Дева Марија.“
Два дена подоцна, во недела, 29 ноември, папата Лав ќе ја посети парохијата „Сан Карло да Сеце“ во јужниот сектор.
Нејзиниот парох, отец Симоне Џованела, ја истакна долгогодишната посветеност на заедницата во придружувањето на младите и сиромашните. Следната година парохијата ќе одбележи 40 години од своето основање. Тој рече дека заедницата ќе го пречека Папата со голем ентузијазам и благодарност.
Дар за парохиските заедници
На 6 декември Папата ќе ја посети парохијата „Сант’Елиџо“ во источниот сектор. Парохот, отец Дарио Фратини, неочекуваната вест ја опиша како дар во момент кога заедницата има особена потреба да се зацврсти во верата.
Парохијата „Санта Лучија“ во западниот сектор ќе го пречека Папата на 13 декември, на својот патронен празник. Отец Симоне Карози, кој пред неколку месеци ја презел службата на парох, ја опиша посетата како прекрасен дар за добредојде.
Серијата пасторални посети ќе заврши на 20 декември во парохијата „Сан Роберто Белармино“ во северниот сектор. Заедницата неодамна го пречека својот нов парох, отец Андреа Лонардо.
Парохискиот викар, отец Антонио Панико, рече дека посетата на Папата ќе биде „повод за радост и момент на црковно единство“, како и извор на благодат и славење за целата заедница.
Ватикан њуз/к.мк

