По повод десетгодишнината од папската енциклика „Лаудато си“, папата Лав XIV ќе го отвори селото „Лаудато Си“ во Кастел Гандолфо, место каде што се спојуваат духовноста, образованието и грижата за созданието.
Во петок, 5 септември 2025 година, во 16:00 часот по римско време, папата Лав XIV ќе го отвори „Борго Лаудато Си“ во историската папска резиденција во Кастел Гандолфо, новоотворена за јавноста и посветена на остварување на визијата на „Лаудато си“, енцикликата на папата Фрањо за грижата за созданието, која ја слави својата десетгодишнина.
Првично доверен на Центарот за високо образование „Лаудато Си“ во 2023 година, Борго — што на италијански значи „село“ — претставува опиплив знак на мисијата на Црквата да ја обедини верата со конкретна грижа за земјата и за најранливите.
Распослано на 135 хектари градини, вили, археолошки локалитети и обработливо земјиште, проектот ја интегрира историјата со идно насочена посветеност кон образованието, одржливоста и животот во заедницата.
Во соопштението за медиумите, Центарот објаснува:
„Ова е место за живеење, молитва, учење и растење во заедништво со Бога, едни со други и со созданието.“
Ходочестие низ созданието
Светиот Отец ќе го започне отворањето со симболично ходочестие низ селото, средби со работниците, соработниците, нивните семејства и сите што придонеле за ова ново поглавје од папскиот имот.
Тој ќе се сретне со едукатори, студенти, локални заедници и добротвори — оние кои, преку својата работа и посветеност, ја оживуваат мисијата на селото.
По поворката, папата Лав XIV ќе предводи Литургија на Словото со обред на благослов.
Музика и молитва
Отворањето ќе биде обележано со моменти на молитва и песна. Тенорот Андреа Бочели и неговиот син Матео ќе се придружат на собирот, изведувајќи благодарна химна пред благословот на Светиот Отец.
Претставници на Римската курија, граѓански лидери и бројни соработници исто така ќе бидат присутни на историскиот настан.
Ватикан њуз/к.мк