Папата Лав XIV: Секоја култура може да биде место на средба со Христос

Папата Лав XIV: Секоја култура може да биде место на средба со Христос

Во пораката до учесниците на Теолошко-пасторалниот конгрес за настанот од Гвадалупе, кој започна вчера во Мексико Сити, Папата истакнува дека евангелизирањето значи со почит да се влезе во историјата и во стварноста на народите: „Катехизацијата е централно послание на Црквата“.

Богородица од Гвадалупе нè поучува за божествената педагогија на инкултурацијата на спасоносната вистина, истакна папата Лав XIV во пораката до учесниците на Теолошко-пасторалниот конгрес за настанот од Гвадалупе, кој започна на 24 февруари, во Мексико Сити. Средбата ја организираа Папската комисија за Латинска Америка, Мексиканската бискупска конференција, Витезите на Колумбо и Папската меѓународна маријанска академија. Целта е, пред сè, да се размислува за настанот од Гвадалупе за да се зајакнат пасторалните процеси на целиот американски континент и во други вклучени земји, како и да се поттикнат сите Цркви во двете Америки и во останатите заинтересирани земји на гвадалупски деветдневен ход во пресрет на 500-годишнината од Богородичиното јавување, која ќе се прослави во 2031 година.

Богородица од Гвадалупе како образец за средба со Христос

Во текстот потпишан на 5 февруари, на спомен-денот на мексиканскиот првомаченик свети Филип од Исус, Светиот Отец го започнува размислувањето осврнувајќи се на начинот на кој самиот Бог се објавил и го понудил спасението. Тој истакнува дека Бог не сакал да се открие како апстрактно битие, ниту како вистина наметната однадвор, туку постепено влегувајќи во историјата и влегувајќи во дијалог со човечката слобода.

Папата напоменува дека евангелизирањето пред сè значи Исус Христос да стане присутен и достапен, и дека секое црковно дејствување треба да настојува да го воведе човекот во жив однос со Него, однос што го осветлува животот, ја поттикнува слободата и го отвора патот на преобраќањето. Така, дарот на верата го прифаќаме подготвено, како одговор на љубовта што му дава смисла и поткрепа на животот во сите негови димензии.

Римскиот бискуп појаснува дека во Богородица од Гвадалупе не се канонизира некоја култура, ниту се апсолутизираат нејзините категории, но тие ниту се занемаруваат ниту се презираат. Напротив, тие се преземаат, се прочистуваат и се преобразуваат за да станат место на средба со Христос:

„La Morenita го открива начинот на кој Бог му се приближува на својот народ: полн со почит уште од почетокот, со разбирање во јазикот, цврст и нежен во водењето кон средбата со полнотата на Вистината, со Благословениот Плод на нејзината утроба. На тилмата, меѓу насликаните рози, Радосната вест влегува во симболичкиот свет на еден народ и ја прави видлива својата близина, нудејќи ја својата новост без насилство и без принуда. Така, она што се случило на ридот Тепејак не се претставува како теорија ниту како тактика, туку како траен критериум за расудување на евангелизациското послание на Црквата, која е повикана да го навестува Вистинскиот Бог по Кого се живее, не наметнувајќи Го, но ниту разредувајќи ја радикалната новост на Неговата спасоносна присутност.“

Инкултурацијата е тежок процес

Петровиот наследник појаснува дека инкултурацијата на Евангелието значи да се следи Божјиот пат, односно со почит и љубов да се влезе во конкретната историја на народите, за тие навистина да Го запознаат Христос, да Го љубат и да Го прифатат однатре, преку сопственото човечко и културно искуство:

„Тоа подразбира преземање на јазикот, симболите, начинот на мислење, чувствување и изразување на секој народ, не само како надворешни средства на навестување, туку како вистински места во кои благодатта сака да пребива и да дејствува.“

Во исто време, Светиот Отец предупредува дека инкултурацијата не значи жртвување на христијанската вистина, ниту прифаќање на локалната култура како критериум на верата:

„Инкултурацијата не е сакрализирање на културите, ниту усвојување на културите како решавачка толкувачка рамка на евангелската порака. Таа не може да се сведе ниту на релативистичко приспособување или на површно приспособување на христијанската порака, бидејќи ниедна култура, колку и да е вредна, не може едноставно да се поистовети со Откровението, ниту да стане конечен критериум на верата.“

Римскиот бискуп исто така предупредува дека легитимирањето на сè што го носи културата или оправдувањето на практики, светогледи или структури што се спротивни на Евангелието и на достоинството на личноста би значело занемарување на фактот дека секоја култура, како и секоја човечка стварност, мора да биде осветлена и преобразена од благодатта што извира од Христовото пасхално таинство.

Инкултурацијата, додава тој, е тежок и прочистувачки процес во кој Евангелието, останувајќи целосно во својата вистина, го препознава, го расудува и го презема семето на Словото присутно во културите, а истовремено ги прочистува и ги воздигнува нивните автентични вредности, ослободувајќи ги од она што ги засенува или искривува. Тоа семе на Словото, како траг на претходното дејствување на Светиот Дух, во Исус Христос го наоѓа својот критериум на автентичност и својата полнота, заклучува Папата.

Евангелизирање тргнувајќи од конкретната стварност

Петровиот наследник забележува дека пренесувањето на верата денес повеќе не може да се зема здраво за готово, особено во големите урбани центри и во плуралните општества, каде што Бог се сведува на приватната сфера или се става на страна. Затоа додава дека пренесувањето на верата не може да се сфаќа како фрагментарно повторување на содржини, ниту како исклучиво функционална подготовка за Светите Тајни, туку како вистински пат на учеништво во кој живиот однос со Христос ги обликува верниците да станат способни да расудуваат, да ги дадат причините за својата надеж и слободно и доследно да го живеат Евангелието.

Катехезата е приоритет за пастирите

Во согласност со препораките на Документот од Апарецида од 2007 година, папата Лав XIV потсетува дека катехезата е неоспорен приоритет за сите пастири:

„Таа е повикана да заземе централно место во дејствувањето на Црквата, континуирано и длабоко да го придружува процесот на созревање што води до вера која навистина е разбрана, усвоена и живеена на личен и свесен начин, дури и кога тоа значи да се оди во насока спротивна на доминантните културни дискурси.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот