Папата Лав XIV: „Плачот на раселените деца се издигнува до Бога“

Папата Лав XIV: „Плачот на раселените деца се издигнува до Бога“

Во својата порака за 112. Светски ден на мигрантите и бегалците, кој ќе се одбележи на 27 септември 2026 година на тема „Дури и едно од овие најмали“, папата Лав XIV истакнува дека плачот на раселените деца ја повикува совеста на сите.

„Плачот на раселените деца денес се издигнува кон Бога“, вели папата Лав XIV во својата порака за 112. Светски ден на мигрантите и бегалците, кој Црквата го одбележува на 27 септември. Пораката на Папата денес ја објави Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

Темата на овогодишниот ден е „Дури и едно од овие најмали“, земена од Евангелието според свети Матеј.

Папата Лав XIV ја започнува својата порака нагласувајќи дека насловот „Дури и едно од овие најмали“ го насочува нашето внимание кон малолетниците кои директно го доживуваат искуството на миграцијата и бегството, кон грижата што им ја должиме, како и кон Господовото ветување: „Кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима“ (Марко 9,37).

Малолетниците се најранливата група

Светиот Отец потсетува дека малолетниците се најранливата група во глобалните миграциски движења и забележува дека страдањето на децата мигранти не завршува со нивното преселување.

Тој се сеќава на многу мали деца кои изгубиле родители, браќа, сестри и пријатели, и кои биле сведоци на неискажливо насилство; на други што долго време биле одвоени од своите семејства; како и на малолетници кои, иако патуваат заедно со своите родители, се изложени на крајни и трауматични услови.

„На крај“, продолжува Папата, „не можеме да ја заборавиме трагичната состојба на оние што се одвоени од своите родители поради репатријација.“

Папата ги осудува и бројните смртни случаи на миграциските рути, трговијата со луѓе и експлоатацијата, регрутирањето малолетници за вооружени конфликти, сексуалното насилство, присилните бракови и злосторствата што ги претрпеле или на кои сведочеле за време на своето патување.

Погазено достоинство

„Нивното достоинство“, вели Папата, „е погазено на безброј начини.“

Сепак, среде толку многу темнина, папата Лав XIV изразува благодарност до многуте поединци, семејства, граѓански институции и црковни заедници кои „избираат да не поминат на другата страна“, туку да понудат солидарност.

Пред оваа трагична реалност, Папата вели дека неговите мисли се насочуваат кон Исусовите зборови кои ја предизвикуваат нашата совест: „Кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима.“

Папата нагласува дека не станува збор за бројки или статистики.

„Евангелието“, потсетува тој, „нè повикува да не пресметуваме: дури и едно. Секое дете, секое човечко битие, поседува бесконечно достоинство.“

Чин на човечност и вера

„Пред секое дете мигрант“, истакнува Папата, „повикани сме да направиме дело на човечност и вера, бидејќи во него можеме да Го примиме и да Го сретнеме Господа.“

За жал, забележува Папата, децата мигранти полесно се игнорираат, затоа што немаат возрасни што можат да ги заштитат и поддржат.

Затоа, инсистира тој, „потребно е да се интервенира во нивните земји на потекло, за да се отстранат причините што ги принудуваат да бегаат, а истовремено да им се понудат заштита и прифаќање во земјите на транзит и дестинација“.

„Плачот на раселените деца денес се издигнува до Бога, како што некогаш се издигнуваше плачот што го слушаме во Книгата Излез“, вели Папата, нагласувајќи: „Не можеме да останеме рамнодушни, ниту да се навикнеме на такво страдање.“

Во нашиот личен живот, додава тој, повикани сме „да ги отвориме очите и срцето за слушање на нивната приказна, стравови и соништа, надминувајќи ја онаа оддалеченост што ја сведува човечката личност на статистика што не нè засега директно“.

„Тоа е повик“, нагласува Папата, „да го препознаеме достоинството на секое дете уште пред да ја земеме предвид неговата состојба како ‘мигрант’ и да ги заштитиме неговите основни права: правото на живот, образование и животен стандард што овозможува целосен физички, ментален, духовен, морален и општествен развој.“

Апели пред оваа појава

Во животот на Црквата, вели Папата, повикани сме „прифаќањето од апстрактен поим“ да го претвориме во „стабилна пасторална пракса“.

Светиот Отец нагласува дека оваа задача не може едноставно да се префрли само на институти или здруженија што имаат посебна харизма.

„Пред конкретните лица што ги среќаваме во секојдневниот живот“, повикува Светиот Отец, „целата христијанска заедница е повикана да ги гледа овие деца како свои синови и ќерки и да се вклучи во конкретната приказна на секое од нив.“

Христијанските заедници, додава тој, треба да бидат охрабрени да ја промовираат интеграцијата на бегалците и мигрантите и да ги вреднуваат како полноправни членови на црковното семејство.

„Дури и едно од овие деца, во хоризонтот на различните религии“, забележува понатаму Папата, „нè потсетува дека ранливоста на младите не познава религиски граници и нè обединува во заедничка хуманитарна и духовна одговорност.“

Тој истакнува дека тоа станува плодна почва за конкретен меѓурелигиски дијалог, во кој верниците, црпејќи од сопственото чувство за трансцендентното, соработуваат во создавање мрежи на заштита.

„Верските заедници“, вели тој, „се повикани да создаваат простори во кои секое момче и секое девојче ќе бидат почитувани и вреднувани во својот културен идентитет, со што ќе се спречи ризикот од радикализација од страна на екстремистички групи.“

Потребна е итна промена на перспективата

„Дури и едно од овие деца, во контекст на граѓанските институции“, продолжува Папата, „нè повикува повторно да го потврдиме принципот на најдобриот интерес на детето.“

Обраќајќи се до јавните и приватните институции, кои „се должни како приоритет да ги постават заштитата и достоинството на секое дете и адолесцент“, Папата вели дека тоа „бара усвојување ефикасни правни инструменти за заштита, промовирање на семејното обединување и спречување на траумата предизвикана од разделбата“.

„Потребна е итна промена на перспективата“, вели тој. „Фокусот на дебатата мора да се префрли од простото управување со миграцијата кон целосна и непосредна заштита на човековите права, усвојувајќи ‘координиран, солидарен и ефикасен одговор, способен да гарантира заштита, прифаќање и вистински можности за интеграција на оние што мигрираат’.“

Папата Лав XIV ја завршува пораката со молитва:

„Да ги довериме децата мигранти и бегалци на мајчинската заштита на Блажена Дева Марија, која заедно со свети Јосиф и Детето Исус ја искуси суровоста на Иродовото насилство и трагедијата на прогонството во Египет. Нека таа ги придружува нивните чекори и нека им помогне на нашите заедници да станат живи и веродостојни знаци на Евангелието.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот