Папата, во своите повици по молитвата Ангел Господов, упати итен повик до оние што носат одлуки на меѓународно ниво и да ја преземат одговорноста за пронаоѓање решенија на конфликтите, секогаш имајќи ги предвид последиците за населението. Тој изрази задоволство поради постигнатиот договор во Вашингтон меѓу Ерменија и Азербејџан, а воедно и голема болка поради насилството што го пустоши Хаити.
Потребно е да се отфрли војната како начин за решавање на конфликтите – тоа е итниот повик што Папата Лав XIV денес, на 10 август 2025 година, по молитвата Ангел Господов, го упати до меѓународната заедница и нејзините водачи. Тој ги повика да ја преземат одговорноста во залагањето за мир, а сите верници ги поттикна на постојана молитва.
Да продолжиме да се молиме за завршување на војните. Осумдесетгодишнината од бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки во целиот свет ја разбуди обврската за отфрлање на војната како средство за решавање на конфликти. Оние што носат одлуки треба секогаш да ја имаат на ум својата одговорност за последиците што ги предизвикуваат врз населението. Треба да ги имаат предвид потребите на најслабите и жедта за мир во светот.
Ерменија и Азербејџан – пример на мир
Светиот Отец го истакна примерот на мир што на 8 август го постигнаа Ерменија и Азербејџан со потпишувањето на заедничка декларација во Белата куќа во Вашингтон. Тој изрази надеж дека овој настан ќе придонесе за стабилен и траен мир на Јужен Кавказ.
Болка поради Хаити
На крајот, Римскиот епископ потсети и на трагедијата што ја преживува Хаити, од каде пристигнуваат вести дека населението се повеќе раочарано. Тој изрази длабока болка поради жртвите од сите облици на насилство, трговија со луѓе, присилни протерувања и киднапирања.
„Упатувам силен повик до сите одговорни веднаш да ги ослободат заложниците и барам конкретна поддршка од меѓународната заедница во создавање општествени и институционални услови кои ќе му овозможат на народот на Хаити да живее во мир.“
Ватикан њуз/к.мк