Папата Лав XIV испрати порака до католиците од византиски обред во Соединетите Американски Држави

Папата Лав XIV испрати порака до католиците од византиски обред во Соединетите Американски Држави

На почетокот од Третото митрополитско собрание на Византиската католичка архиепархија од Питсбург, Папата ја истакна важноста на нивниот состанок како „видлив знак на заедништво во Црквата“.

Папата Лав XIV упати послание до учесниците на Митрополитското собрание на Византиската католичка архиепархија од Питсбург, Пенсилванија, кое започна во Соединетите Американски Држави на 12 јули 2025 година. Собранието, свикано од митрополитот архиепископ Вилијам Скурла и Архиерејскиот синод, се одржува во парохијата „Света Марија“ во Вајтинг, Индијана, од 16 до 20 јули.

Целта на Собранието е да биде „камен-темелник на единството, размислувањето и духовната обнова“, со цел да ги зближи свештенослужителите и верниците – клерот и лаиците – од целата митрополитанска Црква со седиште во Питсбург.

Видлив знак на заедништво

Во своето послание, Светиот Отец се осврна на темата на Собранието: „Дојдете, да се поклониме и да припаднеме на Христос“, нагласувајќи дека ова претставува „драгоцена можност за раст во единството и за потврдување на вашата преданост на Господа“.

Папата истакна дека преку литургиските славења, молитвите и дијалогот за време на Собранието, учесниците можат да продолжат со своето непоколебливо сведоштво за Христос и со навестување на Евангелието преку живото предание на византиските католички цркви.

Собирот на епископи, свештеници, монаштво и верници, заедно со претставници од Егзархијата во Торонто и Дикастеријата за Источните цркви, според Папата, „претставува видлив знак на заедништво во Црквата“.

Тој ја изрази својата благодарност за сведоштвото на првите генерации верници, кои – и покрај тешкотиите и неизвесноста – ги основале византиските католички заедници низ Северна Америка. Папата рече: „Нивното духовно наследство живее во вашето храбро прифаќање на пасторалната обнова, втемелена во верноста кон вашето предание“.

Во завршницата на пораката, Папата Лав ја нагласи својата духовна близина со византиската католичка заедница во Соединетите Американски Држави и го довери Собранието на заштитата на Пресвета Богородица. Тој го подели својот апостолски благослов врз Собранието и врз целата Архиепархија како „залог на мудрост, радост и мир во Господа“.

Византиските католици во САД

Архиепархијата од Питсбург – главна епархија во источнокатоличката црковна покраина – е една од двете вакви црковни структури во Соединетите Американски Држави; другата е Украинската католичка архиепархија од Филаделфија. Питсбуршката архиепархија ги влече своите почетоци од 1924 година, кога беше основана како прва источна католичка егзархија во земјата.

Според податоците на Католичкото здружение за помош на Истокот, околу 300.000 верници му припаѓаат на Рутенскиот византиски католички обред во Соединетите Американски Држави.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот