Папата Лав XIV за нападот во ДР Конго: Да се спречат трагедиите; се молам за прогонетите христијани

По смртоносниот напад врз црква во Демократската Република Конго, папата Лав XIV упати силен повик за преземање сѐ што е можно за да се спречат слични трагедии и ги увери сите христијани кои страдаат од насилство и прогон дека се вклучени во неговите молитви.
„Ја обновувам својата длабока тага за бруталниот терористички напад што се случи во ноќта меѓу 26 и 27 јули во Команда, во источниот дел на Демократската Република Конго, каде што повеќе од четириесет христијани беа убиени во црква за време на молитвено бдение и во сопствените домови.“
Ова го кажа папата Лав XIV за време на Генералната аудиенција, во среда 30 јули 2025 година, на плоштадот Свети Петар, што беше неговото прво јавно обраќање по летната пауза. Тој со огорченост го осуди нападот врз парохијата Блажена Ануарите во Команда, во провинцијата Итури.
Во неделата, во источната провинција Итури, повеќе од 40 лица беа убиени кога бунтовници упаднаа во католичка црква и отворија оган врз верниците. Потврдена е смрт на најмалку 38 лица – жени и деца – во самата црква, а неколкумина се убиени и во блиското село.
За време на Генералната аудиенција, Светиот Отец рече дека ги доверува жртвите на Божјата милосрдна љубов, ветувајќи: „Се молам за ранетите и за сите христијани ширум светот кои продолжуваат да страдаат од насилство и прогон.“
Во тој дух, Папата повика: „Упатувам апел на оние кои имаат одговорност, како на локално така и на меѓународно ниво, да соработуваат за да се спречат вакви трагедии.“
Во телеграмата со сочувство што ја испрати по нападот, Светиот Отец се помоли: „Крвта на овие маченици нека стане семе на мир, помирување, братство и љубов за народот на Конго.“
Ватикан њуз/к.мк