Папата Лав XIV до чесните сестри: Прашајте се – „Дали Бог е сè за мене?“

Папата Лав XIV до чесните сестри: Прашајте се – „Дали Бог е сè за мене?“

Папата Лав XIV ги повика чесните сестри кои престојуваат во Рим, по повод нивните Генерални собранија или Јубилејни прослави, да останат вкоренети во Христос и да се потрудат Бог, во сè и секогаш, да остане нивното „сè“.

„Свети Августин, говорејќи за приматот на Бога во христијанскиот живот, потврдува: ‘Бог е сè, твоето сè. Ако си гладен, Бог е твојот леб; ако си жеден, Бог е твојата вода; ако си во темнина, Бог е твојата светлина што никогаш не згаснува; ако си необлечен, Бог е твојата вечна облека.’ Всушност, добро е да се запрашаме: До кој степен овие зборови важат за мене? Колку Господ ја исполнува мојата жед за живот, љубов, светлина?“ – рече Светиот Отец.

Овие зборови Папата Лав XIV ги упати на средбата во Ватикан во понеделник 30 јуни 2025 година со Ќерките на Божјото милосрдие, Сестрите Василијанки, Сестрите Августинки од Ампаро и Сестри Фрањевки на Светото Срце.

Вкоренети во Христос

Во своето обраќање, Светиот Отец нагласи дека „вкоренетоста во Христос е таа што ги поттикнала оние кои живееле пред нас – мажи и жени со дарови и слабости како нашите – да прават работи за кои никогаш не мислеле дека се способни.“

Таа вкоренетост, додаде тој, им овозможила да посеат семе на добрина, кое, пренесувано низ вековите и континентите, денес стигнува до целиот свет – како што сведочи и вашето присуство тука.

Вдахновени од светоста

Папата потсети дека некои од сестрите дошле во Рим по повод Генералното собрание, а други поради Јубилејното ходочестие. Во двата случаи, тие се собрани кај гробот на Свети Петар „за да ја обноват својата љубов кон Господ и верноста кон Црквата“.

Истакнувајќи дека нивните монашки заедници се основани во различни времиња и околности, Светиот Отец нагласи дека нивните историјати „се испреплетени со заедничка нишка, која се гледа низ светлината на големите духовни сведоци – Августин, Василиј и Фрањо – чии аскетизам, храброст и светост ги вдахновиле вашите основачи да трагаат по нови начини на служење на другите“.

Ова, додаде тој, особено се гледа во грижата за најслабите – децата, сиромашните, сираците, мигрантите, а во поново време и за старите и болните – како и во многу други дела на милосрдна љубов.

Соочување со важни избори

„Вашиот одговор на предизвиците од минатото, како и виталноста на вашето сегашно делување,“ рече Папата, „јасно сведочат дека верноста кон древната мудрост на Евангелието е најсигурниот пат за иднината – за сите што, водени од Светиот Дух, тргнуваат по нови патишта на самопожртвуваност, љубов кон Бога и ближниот, со чувствителност за знаците на времето.“

Во тој дух, Папата потсети на нивната голема одговорност.

„Се соочувате со важни избори кои ќе ја одредат вашата иднина – иднината на вашите заедници, но и на самата Црква,“ рече тој. „Затоа, соодветно е да завршиме со прекрасната молитвена надеж што Свети Павле ја искажа до христијаните во Ефес.“

Папата цитираше: „Преку верата Христос да се всели во срцата ваши, та вкоренети и утврдени во љубовта, да можете да разбирате со свои светии, што е ширина и должина, што е длабочина и височина, и да ја узнаете Христовата љубов, што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја“ (Ефесјаните 3,17–19)

На крајот, пред да го упати својот апостолски благослов, папата Лав XIV им се заблагодари на чесните сестри за нивната верност и посветеност, и се помоли Пресвета Богородица да ги придружува на нивниот пат.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот