Папата Лав XIV во ФАО: Гладот е колективен неуспех, а кривично дело е да се користи како оружје

Папата Лав XIV во ФАО: Гладот е колективен неуспех, а кривично дело е да се користи како оружје

Папата го посети седиштето на Организацијата за храна и земјоделство во Рим по повод 80-годишнината од нејзиното основање и Светскиот ден на храната. Тој остро го осуди скандалот што ги принудува милиони луѓе на глад и неухранетост, повика на глобална акција што оди подалеку од слоганите и политичките парадигми и потсети на важноста на жените и мултилатерализмот. Тој повика да се ослободиме од апатијата што го оправдува гладот како музика во позадина на која сме навикнати.

Злосторство е да се гледаат гладни лица и празни стомаци, тони храна фрлени во вода и толпи луѓе кои копаат низ ѓубрето; изнемоштени деца и полиња изгорени од војни што дозволуваат гладот да се користи како оружје. Користејќи живописен, моќен и трогателен јазик за да го осуди гладот како колективен неуспех, етичко отстапување и историска вина, папата Лав XIV одржа говор во четврток, 16 октомври, за време на посетата на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) во Рим. Поводот е Светскиот ден на храната и 80-годишнината од основањето на оваа организација на Обединетите нации, која денес има 194 земји-членки и која се занимава со развој, исхрана, продуктивност и глобален економски раст.

Меѓународната заедница не смее да ја сврти главата на друга страна

Пред 1.200 присутни учесници на настанот, Светиот Отец зборуваше за мноштвото кои немаат пристап до чиста вода, храна, основна медицинска нега, пристојно домување, основно образование или достоинствена работа. Тој повика да ја споделиме болката на оние кои се хранат само со очај, солзи и беда и повика да не ги заборавиме луѓето осудени на смрт и страдање во Украина, Газа, Хаити, Авганистан, Мали, Централноафриканската Република, Јемен и Јужен Судан. Меѓународната заедница не смее да ја сврти главата на друга страна. Мора да ја прифатиме нивната болка како своја – истакна Римскиот епископ.

Желбата за мир и помагањето на гладните

Изразувајќи ја својата желба мирот да преовладува насекаде, нПетровиот наследник рече дека ако го искорениме гладот, тој мир ќе биде плодна почва од која ќе никне општото добро на сите народи. Затоа повика на акција што произлегува од совеста за сè уште актуелната трагедија на гладот и неухранетоста. Не се само претприемачите, службениците или политичките лидери тие што имаат задача да стават крај на овие зла, туку сите ние мора да придонесеме за решавање на овој проблем – меѓународните агенции, владите, јавните институции, невладините организации, академската заедница и граѓанското општество, како и секој поединец што треба да препознае нешто од себе во страдањето на другите. Оној што страда од глад не е странец. Тој е наш брат и ние мора да му помогнеме без двоумење – нагласи папата Лав XIV.

Гладот го негира човечкото достоинство

Целта е да се стави крај на оваа состојба што го негира човечкото достоинство, го загрозува посакуваниот развој, неправедно принудува многумина да ги напуштат своите домови и го спречува разбирањето меѓу народите. Во оваа смисла, Папата потсети на целта „Нула глад“, односно искоренување на гладот во светот, што е вклучено во Агендата на Обединетите нации за 2030 година. Ова ќе биде можно – рече тој – само ако постои вистинска волја за нејзино постигнување, а не само свечени декларации.

Повеќе од 670 милиони луѓе си легнуваат секој ден без храна

За да ја поддржи својата осуда и повик за акција, Римскиот епископ истакна неколку драматични бројки: 673 милиони луѓе во светот си легнуваат гладни, а уште 2,3 милиони не можат да си дозволат исхрана што ги задоволува основните нутритивни потреби. Ова не се само статистики, бидејќи зад овие бројки стојат скршени животи, ранливи заедници и мајки кои не можат да ги прехранат своите деца – истакна Папата, додавајќи:

Можеби најтрогателната информација е онаа за децата кои страдаат од неухранетост, со последователни болести и задоцнет моторен и когнитивен развој. Ова не е случајност, туку јасен знак на преовладувачка нечувствителност, бездушна економија, сомнителен модел на развој и неправеден и неодржлив систем за распределба на ресурсите.

Дозволувањето милиони човечки суштества да живеат и умираат како жртви на глад во ерата на технологијата и знаењето претставува колективен неуспех, етичко отстапување и историска вина – рече Петровиот наследник.

Злосторство е гладот да се користи како оружје

„Исто така, кривично дело е повторно да се користи храната како оружје во војна. Сè повеќе се оддалечуваме од консензусот што некогаш го изразуваа државите, кој го сметаше намерното предизвикување глад и свесното негирање на пристапот до храна за заедници или цели народи за воено злосторство“, забележа Светиот Отец.

Тој потсети и на осудата на Советот за безбедност на Обединетите нации, кој ја прогласи употребата на глад против цивилите како метод на војување. Сепак, сето тоа излгеда заборавено. Болни сведоци сме на постојаната употреба на оваа сурова стратегија што ги осудува мажите, жените и децата на глад, лишувајќи ги од најосновното право: правото на живот – рече Папата и додаде:

Молчењето на оние што умираат од глад одекнува во совеста на сите луѓе, иако често се игнорира, замолчува или искривува. Не можеме да продолжиме вака, бидејќи гладот не е судбина на човекот, туку пропаст. Затоа, да ја зајакнеме нашата посветеност да го поправиме овој скандал!

Римскиот епископ понатаму рече дека гладот е крик што се издига до небото и бара брз одговор од секоја нација, секоја меѓународна организација, секоја регионална, локална или приватна институција. Никој не може да остане настрана во неуморната борба против гладот – истакна тој – Тоа е борба за сите нас.

Нечуени парадокси и ужасни сцени

Потоа папата Лав XIV наведе неколку таканаречени „скандалозни парадокси“, осудувајќи ги во форма на прашања: Како можеме да продолжиме да толерираме трошење огромни количини храна, додека толку многу луѓе се обидуваат да најдат нешто за јадење во ѓубрето? Како можеме да ги објасниме нееднаквостите што им дозволуваат на малкумина да имаат сè, а на многумина да немаат ништо? Зошто војните што уништуваат полиња не се запираат веднаш пред да ги уништат градовите, што доведува до призори на недостојни човечки животи, особено на децата, чии животи полека згаснуваат наместо да бидат заштитени?

Гледајќи ги овие сцени, се добива впечаток дека сме станале апатични сведоци на разорно насилство – забележа Светиот Отец, додавајќи: „Хуманитарните трагедии треба да нè разбудат од фаталната летаргија во која сме потонале и да нè охрабрат да станеме градители на мирот, опремени со лековитиот мелем по кој копнеат отворените рани во самото срце на човештвото.“

Над слоганите и острите политички парадигми

Римскиот епископ повика на јасност и храброст за идните генерации, но и за политичките и општествените лидери кои не можат да продолжат да бидат раздорни, трошејќи време и ресурси на бескорисни и горчливи дебати, додека оние на кои треба да им служат продолжуваат да бидат заборавени и експлоатирани за делумни интереси. Тој дополнително предупреди дека не можеме да се ограничиме само на зборување за вредности, туку мора и да ги живееме, бидејќи слоганите не им помагаат на луѓето да излезат од сиромаштијата.

Итно е да се надмине таквата сурова политичка парадигма, заснована на визија што оди подалеку од доминантниот прагматизам што го заменува човекот со профит. Не е доволно само да се повикуваме на солидарност: мора да обезбедиме безбедност на храната, пристап до ресурси и одржлив рурален развој – нагласи папата Лав XIV, повикувајќи на обновена посветеност што позитивно ќе влијае на животите на оние што се гладни и кои очекуваат од нас конкретни акции што ќе ги извлечат од нивната беда.

Важноста на жените

Во оваа борба против гладот, Светиот Отец потсети на важната улога што ја играат жените, суштинска, но често потценета:

„Жените се првите што се грижат да нема недостиг од леб, кои сеат надеж во браздите на земјата, кои ја месат иднината со раце калени од напорна работа. Во секој агол од светот, жените се тивки архитекти на опстанокот, методични чувари на создадениот свет.“

Меѓународна соработка

Петровиот наследник, исто така, се осврна на важноста на мултилатерализмот во услови на штетни искушенија што имаат тенденција да наметнат автократски пристап во еден сè пораспространет и поврзан свет. Повеќе од кога било, потребно е храбро да се преиспитаат начините на меѓународна соработка, за да се обезбеди гласот на најсиромашните земји да се чуе без филтри, нивните потреби навистина да бидат познати и решенијата создадени во далечни канцеларии или проткаени со идеологии да не им се наметнуваат.

Во исто време, тој истакна:

„Гладните лица на многумина кои продолжуваат да страдаат нè покануваат и нè охрабруваат да ги преиспитаме нашите животни стилови, нашите приоритети и нашиот начин на живот во денешниот свет.“

Никој не треба да биде заборавен

Папата Лав XIV заврши предупредувајќи дека не можеме да се стремиме кон поправеден општествен живот ако не сме подготвени да се ослободиме од апатијата што го оправдува гладот како музика во позадина на која сме навикнати, како проблем што не може да се реши или што едноставно го сметаме за туѓа одговорност. Не можеме да очекуваме другите да дејствуваат ако ние самите не ги исполнуваме своите обврски. Со нашата неактивност стануваме соучесници во промовирањето на неправдата. Меѓутоа, ако сме подготвени да го споделиме она што сме го примиле, ќе можеме со сигурност и храброст да кажеме дека не сме заборавиле никого – заклучи Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот