За време на молитвата „Ангел Господов“ во Лурд, папата Лав XIV ги повика христијаните во текот на октомври посебно да молат светата Бројаница за мир во светот и за крај на војните и конфликтите.
На крајот од светата ЁЛитургија во Лурд, на третиот ден од своето апостолско патување во Франција, папата Лав XIV упати апел кој, како што рече, му е „особено близок до срцето, токму на ова место“.
Потсетувајќи дека Пресвета Богородица ѝ се јавила на света Бернадета во пештерата Масабиел со Бројаница во рацете и ја придружувала во молитвата, Светиот Отец изрази желба сите христијани повторно да ја откријат молитвата на Бројаницата, особено во текот на месец октомври.
Папата ги повика верниците да молат светата Бројаница „со посебна намера војните да престанат и да се воспостави мир меѓу народите што се наоѓаат во конфликт“.
„Да ја придружуваме оваа молитва со конкретни дела на покајание и милосрдие, секогаш посветувајќи се на поттикнување на дијалогот и помирувањето“, рече папата Лав XIV.
Заедничка Бројаница за мир
По враќањето во Ватикан, на 1 октомври, голем број деца ќе се соберат за заедничка молитва на светата Бројаница за мир.
Молитвата ќе започне во 17 часот кај Пештерата на Лурд во Ватиканските градини.
Се очекува да присуствуваат меѓу 700 и 1.000 деца од римските училишта и парохии, кои ќе ја молат Бројаницата заедно со папата Лав XIV.
На тој начин тие духовно ќе се соединат со деца, семејства, училишта и христијански заедници од целиот свет во рамките на иницијативата „Еден милион деца ја молат Бројаницата“, која ја промовира папската фондација „Помош за Црквата во неволја“ (ACN).
Заедничката молитва на 1 октомври ќе го означи почетокот на светската недела на молитва за мир, која ќе го достигне својот врв на 7 октомври, празникот на Пресвета Богородица од Бројаницата.
Ватикан њуз/к.мк

