Во видео порака по повод 100. Светска мисиска недела, папата Лав XIV им се заблагодари на верниците за нивните молитви и поддршка, потсетувајќи се како тие помогнале во созревањето на неговиот повик и во неговото мисионерско делување во Перу.
Папата Лав XIV испрати видео порака по повод 100. Светска мисионерска недела, која ќе се одбележи на 18 октомври 2026 година. Во пораката тој се осврнува на темата „Едно во Христос, обединети во мисијата“ и ја изразува својата благодарност до сите што во текот на изминатиот век ја поддржувале оваа годишна прослава.
Тој започна заблагодарувајќи Му се на Бога за „изобилните плодови“ што ѝ ги дарувал на Црквата откако папата Пиј XI ја воспоставил Светската мисиска недела пред 100 години.
Неговиот претходник, потсети Папата, настојувал да ја продлабочи свеста за мисионерската задача во секоја епархија и парохија, да ја поттикне молитвата за евангелизацијата и за мисионерските звања и да ја поддржи работата на Папските мисионерски дела.
Потоа папата Лав се осврна на тоа како овие напори помогнале во обликувањето на неговиот сопствен повик.
„Кога се навраќам на својата младост, можам да видам како молитвите упатени кон Господарот на жетвата на таинствен начин помогнаа да се подготви моето срце да го слушне Исусовиот повик да Го следам како августински мисионер“, рече тој. Молитвите и прилозите на верниците, додаде Папата, ја поддржувале и неговата мисионерска работа во Перу, како и делувањето на безброј мисионери ширум светот. „Поради тоа сакам да ја изразам својата искрена благодарност до сите што низ годините ја поддржувале Светската мисиска недела“, додаде тој.
Едно семејство во Христос
Осврнувајќи се на овогодишната тема, папата Лав ја нагласи важноста од негувањето на единството на Црквата во следењето на Христос, особено преку заедничката посветеност на ширењето на евангелската порака на спасението.
Преку Крштението, објасни тој, секој човек станува член на Телото Христово и има „единствена улога во придонесот кон спасителното дело на Исус“.
„Нашиот Господ нè повикува да соработуваме како едно семејство, со помош на Светиот Дух, за сите луѓе, насекаде, да ги доведеме во заедништво на верата во Христос.“
Мисија на љубовта
Папата го повтори повикот што го упати во својата порака по повод стогодишнината, на 25 јануари 2026 година, охрабрувајќи ги сите да придонесат според сопствениот повик и даровите што ги примиле.
„Сите да се посветиме и да дадеме свој придонес во големата мисија на евангелизацијата, која секогаш е дело на љубовта“, повика тој.
Молитвата и конкретната поддршка, додаде Папата, помагаат „Евангелието на Божјата љубов да стигне до сите, особено до најсиромашните и до оние на кои им е најпотребна“.
На крајот од видео пораката, папата Лав XIV им се заблагодари на верниците за сè што ќе направат за да продолжи наследството на Светската мисиска недела и за великодушно да ја поддржат евангелизациската мисија на Црквата ширум светот.
Ватикан њуз/к.мк

