Папата Лав: Да ги скршиме идеолошките и економските синџири што нè држат заробени во војна
На Генералната аудиенција, папата Лав XIV повика на прекин на конфликтите кои стануваат „сè понечовечки и поразорни“ и на трката во вооружување, нагласувајќи дека „нема простор за резигнација, како насилството да е неизбежно“.
Продолжувајќи го размислувањето за петтото поглавје од пасторалната конституција Gaudium et Spes на Генералната аудиенција во среда, 25 ноември 2026 година, папата Лав XIV го истакна повикот до целото човештво, а уште пошироко и до целото создание, да живееме како браќа и сестри и да градиме свет на мир.
Мирот што извира од Христовата смрт на Крстот, рече тој, „се нуди како плод на откупувањето на сите народи и на целото создание. Овој мир е истовремено дар на благодатта што треба да се прими и задача на човечката слобода“.
Ова треба да се живее преку Христовото блаженство „Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји“.
Насилството не е неизбежно
Иако пасторалната конституција е исполнета со надеж, Папата нагласи дека таа реално ја зема предвид и состојбата на човекот. Отците на Вториот ватикански собор биле свесни за човечкиот грев и за тоа дека мирот треба постојано да се гради.
Поради тоа, „нема простор за резигнација, како насилството да е неизбежно“, нагласи Папата. „Природата на современите војни ги навела соборските отци да го обноват учењето на Црквата за ова прашање. Таквите ужаси, велат тие, ‘нè принудуваат да ја разгледуваме војната со сосема нов став’.“ (GS 80).
Светиот Дух му помага на човештвото во исполнувањето на оваа задача.
Во денешниот свет, технолошкиот развој и дигиталната револуција го променија начинот на кој се водат конфликтите, преку сајбер-напади, манипулација со информации и други средства. Технологијата и уредите првично создадени за одбрана можат лесно да бидат употребени и за напад.
Современите конфликти стануваат сè понечовечки и поразорни, објасни папата Лав. Тие ја поттикнуваат омразата и неправдата меѓу луѓето и ја нарушуваат убавината и целосноста на создадението.
„Никој не може да го игнорира страдањето што ги погодува мажите и жените од сите возрасти“, нагласи тој, повторувајќи го повикот на Вториот ватикански собор за раскинување на „идеолошките и економските синџири што ги држат луѓето заробени во војна“.
„Трката во вооружување е крајно подмолна стапица за човештвото, која ги заробува сиромашните до неподнослива мера“, нагласи Папата.
Загрижува и фактот дека, доколку трката во вооружување продолжи, може да доведе токму до уништувањето и разорувањето за кое веќе го подготвува патот.
Папата Лав нагласи дека зборовите на Соборот денес одѕвонуваат како уште поитно предупредување. „Тие се крик што од страдањето на народите, од убиените и осакатени деца и од уништените семејства се издигнува кон моќниците на светот.“
На првите линии на мирот
Вториот ватикански собор ги повикува сите луѓе со добра волја да работат за да дојде време кога опасноста од војна повеќе нема да постои. Истовремено, Соборот го признава правото на владите на легитимна одбрана.
Потребни се „меѓународни тела способни ефикасно да интервенираат за повторно да ја воспостават нарушената правда и да дејствуваат во одбрана на угнетените“, истакна Папата.
Затоа Соборот го охрабрува развојот на институции посветени на мирот и градењето светски поредок заснован врз соработка, дијалог и споделување на културните и материјалните богатства на земјата, во служба на интегралниот човечки развој.
Пред овие задачи, христијаните се повикани да бидат сол на земјата и светлина на светот, рече Папата.
„Секогаш имајќи доверба во Божјата благодат, не смееме да се плашиме да работиме на првите линии во градењето на мирот и одбраната на човечкото достоинство, преку постојана молитва и преку доследни општествени и политички избори“, повика папата Лав.
Навестувањето на Евангелието се остварува преку формирањето на совеста, преобраќањето на срцата и светотаинскиот живот, секогаш со Христос како водечки принцип.
На крајот, Папата ги охрабри сите „никогаш да не се заморат од барањето и споделувањето на вистинскиот мир, кој е истовремено дар од Бога и плод на неуморниот човечки труд“.
„Нека Христовиот Дух секогаш вдахнува искуства на братство и мир и нека поттикнува искрен дијалог меѓу луѓето и меѓу народите. Нека Дева Марија, Царица на мирот, со своето моќно застапништво го поддржува секој напор за добро, сега и секогаш.“
Ватикан њуз/к.мк

