Во четврток, 28 јули, папата Фрањо служеше света Литургија за помирување со илјадници ходочасници во Националното светилиште Света Ана во Бопре, покровителка на Квебек, поканувајќи ги верниците да го продолжат тешкиот пат на исцелување и помирување.
Во најстариот северноамерикански центар за ходочастие, триесет километри северозападно од Квебек, на бреговите на реката Свети Лаврентиј, Светиот Отец пристигна со папамобил, поздравувајќи ги ходочасниците кои го пречекаа, благословувајќи ги децата. Поради болки во коленото, месниот надбискуп од Квебек, кардиналот Џералд Сиприен Лакроа го претставуваше папата во предводењето на светата Литургија.
Од неуспех до надеж, така би можеле да го наречеме патувањето на учениците од Емаус, а тоа е и слика на нашето лично одење, како и одењето на Црквата, рече папата Фрањо во проповедта, која беше преведена на француски. По Исусовата смрт на крстот, двајцата ученици, разочарани затоа што сите свои надежи и желби ги положиле во Исус, со чувство на неуспех во нивните срца, му свртеле грб на Ерусалим за да се вратат на својот поранешен живот. Очекувањата што ги имаа пропаднаа, надежите во кои веруваа пропаднаа, соништата што сакаа да ги остварат отстапија место на разочарување и горчина. Затоа, се враќаат, како да сакаат да го заборават тоа искуство.
Тоа е искуство се однесува и за нашиот живот, дури и за самиот пат на верата, истакна Папата. Одиме напред со нашите соништа, проекти, очекувања и надежи, но се соочуваме и со нашите слабости, грешки, доживуваме порази и разочарувања, а понекогаш стануваме заробеници на чувството на неуспех што нè парализира.
И Црквата може да се чувствува изгубена и разочарана, талкајќи пред искушенијата на злото и насилството од Голгота. Тогаш може само да се праша: што се случи? Зошто се случи, како можеше да се случи? Тоа се прашања кои секој од нас си ги поставува, но тие се и горливи прашања кои одекнуваат во срцето на оваа ходочасничка Црква во Канада, на тешкиот пат на исцелување и помирување, истакна Папата и повторно ги спомна драмите што ги доживува тамошното домородното население.
И ние, соочени со скандалот на злото и ранетото Тело Христово во телото на нашите браќа од домородните народи, паднавме во горчина и го почувствувавме товарот на неуспехот. Затоа, дозволете ми да се соединам духовно со многубројните ходочасници кои минуваат низ „светите скалила“ во ова светилиште и ги придружувам како Црква во овие прашања што произлегуваат од срцето полно со болка: зошто се случи сето тоа? Како може ова да се случи во заедницата на оние што го следат Исус?
Кога доживуваме болка од разочарување, лесно паѓаме во искушението да бегаме, сакаме да избегаме од настаните што не раниле. Но, нема ништо полошо од тоа да бегате од неуспехот за да не се соочите со него. Тоа е искушението на непријателот, кој се заканува на нашето духовно одење и одењето на Црквата. Сака да веруваме дека овој неуспех е дефинитивен, сака да нѐ парализира во горчина и тага, да нѐ убеди дека ништо повеќе не може да се направи и дека затоа нема смисла да се бара начин да се започне одново, истакна Папата.
Меѓутоа, Евангелието ни открива дека токму во ситуации на разочарување и болка, Господ нè среќава и оди со нас, објасни Папата. Исус не им нуди обични зборови на охрабрување и утеха на учениците на патот кон Емаус, туку откривајќи ја во Светото Писмо тајната на неговата смрт и воскресение, го осветлува нивниот живот и настаните што ги доживеале. Тоа им ги отвора очите за да гледаат на нов начин на работите.
Господ истото тоа сака да го направи со секој од нас и со својата Црква, забележа Светиот Отец и праша: Што да правиме додека нè мачат разни духовни и материјални искушенија, додека бараме пат кон поправедно и братско општество, додека сакаме да се опоравиме од разочарувањето и заморот, додека се надеваме дека ќе ги залечиме раните од минатото и ќе склучиме мир со Бога и едни со други?
Има само еден пат, а тоа е патот на Исус, патот кој е Исус (сп. Иван 14, 6). Да веруваме дека Исус стои покрај нас на нашиот пат и да му дозволиме да нѐ сретне, поттикна Папата. „Да дозволиме неговото Слово да ја толкува историјата што ја живееме како поединци и како заедница и да ни го покаже патот до исцелување и помирување“.
Потсетувајќи дека базиликата во која се служи светата Литургија е посветена на Света Ана, папата Фрањо ја истакна улогата што Бог им ја дал на жените во својот план за спасение. Света Ана, Пресвета Богородица, жените на Велигденското утро, ни покажуваат нов начин на помирување: мајчинската нежност на многу жени може повторно да нè придружува кон повторно плодни времиња, во кои треба да оставиме зад себе толку многу стерилитет и толку многу смрт и повторно да го ставиме во центар распнатиот и воскреснатиот Исус.
На крајот, Папата посочи дека треба да го ставиме него, Господ Исус, во центарот на нашите прашања, напори, па дури и на самиот пасторален живот. Да го ставиме неговото Слово во центарот на сè, која ги осветлува настаните и ги враќа нашите очи да го видат активното присуство на Божјата љубов и можноста за добро дури и во ситуации кои навидум се изгубени. Да го поставиме во центарот евхаристискиот леб што го прекршува и денес Исус, за да го сподели својот живот со нашиот, за да ги прифати нашите слабости, да ги поддржи нашите уморни чекори и да ни даде исцеление на нашите срца. Само така, помирени со Бога, со другите и со самите себе, можеме да станеме орудија на помирување и мир во општеството во кое живееме, истакна папата Фрањо.
На крајот од светата Литургија, кардиналот Лакроа му се обрати на Папата со зборови на благодарност, беа разменети подароци, а Светиот Отец остана во тишина пред статуата на Света Ана, го благослови Детето и со силен аплауз беше испратен од базиликата.
Во светилиштето од 17 век, на кое му се припишуваат бројни лековити чуда, се наоѓа статуа на Света Ана, бабата на Исус, на чудесен начин е спасен од огнот и три нејзини мошти, како и една од најубавите постоечки копии на Пиета на Микеланџело, а годишно ја посетуваат повеќе од половина милион ходочасници.
Колонизацијата започна од овие области на „нова Франција“ во 16 век, мисионерските заедници отворале училишта, болници и семинарии, а денес е центар на католиците во француското говорно подрачје.
Папата потоа се врати во Квебек каде во катедралата „Пресвета Богородица“ со бискупите, свештениците, ѓаконите, лицата со посветен живот, семинаристите и пасторалните работници служеше Вечерна.
Последниот ден од посетата на папата на Канада, во петок на 29 јули, започнува со традиционална приватна средба со браќата Исусовци, а потоа ќе се сретне и со делегација на домородните народи во надбискупското седиште во Квебек. Потоа ќе отпатува од Меѓународниот аеродром до Икалуит каде приватно ќе се сретне со преживеаните од резиденцијалните училиштата. Папата Фрањо го завршува своето 37. патување во странство, „покајничкото ходочастие“ со средба со младите и постарите.
Ватикан њуз/к.мк