Папата Фрањо имаше мирна ноќ во римската болница Гемели, каде што се опоравува од пневмонија, соопшти во четвртокот 13 март 2025 година Канцеларијата за печат на Светиот Престол. Лекарите на Папата истакнуваат дека неговата прогноза повеќе не е неизвесна и дека рендгенската снимка на градниот кош покажала подобрување, но тврдат дека неговата ситуација останува сложена и затоа има потреба да помине уште некое време во болница.
Папата Фрањо имаше мирна ноќ, се вели во соопштението објавено во четвртокот наутро од Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Во среда вечерта, Канцеларијата за печат објави за медицинската состојба на Светиот Отец, повторувајќи дека клиничката состојба на папата Фрањо останува стабилна и со мали подобрувања, но во контекст кој сепак останува сложен.
Во соопштението, се истакнува дека рендгенската снимка на градниот кош, направена во вторник, радиолошки ги потврди подобрувањата забележани претходните денови.
Се истакнува дека Папата продолжува да прима терапијата со кислород со висок проток во текот на денот и неинвазивна механичка вентилација преку ноќта.
Во среда наутро, откако ги следеше духовните вежби преку видео врска од салата Павле VI во Ватикан, тој прими Света причест и помина време во молитва, а потоа продолжи со терапијата.
Попладнето, откако ги проследи предавањата од духовните вежби, повторно се молеше, одмараше и прима физикална терапија.
Светиот Отец е хоспитализиран во римската болница Гемели од 14 февруари кога беше примен поради бронхитис.
Прогнозата повеќе не е неизвесна, но неговите лекари велат дека има потреба да помине уште некое време во болница.
На денешен ден пред 12 години, 13 март 2013 година, папата Фрањо е избран за Папа.
Ватикан њуз/к.мк