Папата изрази жалење за мигрантите загинати во бродоломот покрај брегот на Јемен

Папата изрази жалење за мигрантите загинати во бродоломот покрај брегот на Јемен

Папата Лав XIV ги довери десетиците жртви од неодамнешната трагедија „на милоста на Семоќниот Бог“. Луѓето на бродот, претежно од Етиопија, се упатиле кон Саудиска Арабија и други земји богати со нафта.

Во телеграма потпишана од државниот секретар, кардиналот Пјетро Паролин, испратена до Апостолскиот нунциј во Јемен и Апостолски делегат за Арапскиот Полуостров, надбискупот Закхија Ел-Касис, Папата го изрази своето длабоко жалење поради бродоломот на мигрантски брод што се случил во близина на јеменскиот брег.

Во пораката се наведува дека Лав XIV „ги доверува многубројните мигранти кои ги загубија своите животи на милоста на Семоќниот Бог“. Исто така, тој повикува на „божествена сила, утеха и надеж“ за преживеаните, за спасувачките служби и за „сите погодени од оваа трагедија“.

Патот на смртта

Рутата каде што се случила катастрофата одамна е позната како „пат на смртта“ — најопасната во светот, според Меѓународната организација за миграција (ИОМ). Аденскиот Залив претставува порта преку која шверцерските бродови пристигнуваат во Саудиска Арабија и другите богати монархии во регионот, кои се отворени за странска работна сила. Поради ова, сè повеќе луѓе се обидуваат да ја преминат оваа рута, особено мигранти од Сомалија и Етиопија, исто како и жртвите од најновиот трагичен бродолом, пријавен на 3 август, предизвикан од лоши временски услови покрај брегот на гувернијата Абјан.

И покрај деценискиот конфликт кој го разурнува Јемен, најсиромашната земја на Арапскиот Полуостров, ваквите преминувања преку нејзината територија продолжуваат да се случуваат редовно.

Жртвите биле од Етиопија

Мигрантите вклучени во катастрофата во последните часови пристигнале од Етиопија и се упатиле кон јужниот брег на Јемен. Според ИОМ, во времето на катастрофата на бродот имало околу 157 лица. Бројот на загинати сè уште не е прецизно утврден; потврдени се 76 жртви, 32 лица се спасени, а десетици се водат како исчезнати, „чија судбина останува непозната“.

Стотици смртни случаи секоја година

Секоја година илјадници луѓе се обидуваат да ја поминат таканаречената „Источна рута“ — озлогласен опасен пат не само за миграција, туку и за трговија со луѓе. Според ИОМ, десетици илјади мигранти во Јемен се жртви на злоупотреба и експлоатација за време на патувањето. Минатата година, организацијата регистрира најмалку 558 смртни случаи по Црвеноморската рута, која се протега од Џибути до Јемен.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот