Папата Фрањо изрази длабока тага за смртта на италијанскиот кардинал Ренато Рафаеле Мартино, кој почина по долго боледување во Рим на 91-годишна возраст.
Во телеграма со сочувство, Светиот Отец изразува духовна близина со роднините на починатиот, надбискупот, свештенството и мирјаните на неговата родна надбискупија Салерно, Кампанија и Ацерно:
„Сеќавајќи се на овој ревносен пастир кој им служел на Евангелието и на Црквата, мислам со благодарност за неговата долга и вредна соработка со моите претходници како апостолски нунциј во неколку азиски земји, а особено во Обединетите нации, каде што несебично сведочеше за татковската грижа на Папата за судбините на човештвото“.
Папата Фрањо со посебна благодарност потсетува на службата на кардиналот Мартино како претседател на Папскиот совет за правда и мир и на други одговорни позиции:
„Тој работеше со голема енергија во корист на народите, постојано промовирајќи дијалог и хармонија.
На крајот од пораката Светиот Отец се моли Господ да го прими Својот верен слуга во Небесниот Ерусалим и сесрдно ги благослови сите кои тагуваат поради смртта на кардиналот, изразувајќи благодарност до оние кои се грижеа за него во последните години.
Погребот на кардиналот Мартин ќе го предводи кардиналот Џовани Батиста Ре, декан на Кардиналскиот колегиум, заедно со кардинали, надбискупи и бискупи, во среда, 30 октомври, во базиликата Свети Петар. На крајот, папата Фрањо ќе ја предводи молитва за препорака и последен поздрав (Ultima Commendatio и Valedictio).
По смртта на Ренато Рафаеле Мартино, Кардиналскиот колегиум е составен од 233 кардинали, од кои 121 се електори, а 112 немаат право на глас на конклавата.
Ватикан њуз/к.мк