Папата до црковните движења: Вашите харизми се квасец за единство во светот поделен од насилство

Папата до црковните движења: Вашите харизми се квасец за единство во светот поделен од насилство

Папата Лав XIV, во петок 6 јуни 2025 година, ги прими во аудиенција модераторите, меѓународните претставници и делегатите на црковните здруженија, нагласувајќи дека овие реалности имаат фундаментална улога за евангелизацијата, охрабрувајќи ги да соработуваат со Папата за единството и мисијата.

Секогаш нека се стави Христос во центарот, како „квасец на единството“ во свет поделен од насилство и раздор, одржувајќи го мисионерскиот жар жив: ова е она на што папата Лав XIV ги охрабри црковните здруженија, движења и заедници во кои илјадници верници го живеат своето искуство на верата и апостолатот.

Модераторите, меѓународните претставници и делегатите на 115 црковни здруженија на верници признати или основани од Светиот Престол се во Рим од среда каде учествуваат на годишниот состанок организиран од Дикастеријата за мирјани, семејство и живот, на тема: „Надежта која се живее и навестува: дарот на Јубилејот за црковните здруженија“.

Папата примајќи ги на аудиенција во Апостолската палата, ја изрази својата благодарност за службата на водство и анимација што ја извршуваат, како и за поддршката и охрабрувањето што им го даваат на своите браќа на христијанскиот пат, што подразбира одговорност, посветеност и честопати тешкотии и недоразбирања – објасни Папата, додавајќи дека ова е неопходна и многу драгоцена мисија.

Христијанскиот живот не се живее во изолирано

Светиот Отец исто така нагласи дека реалностите на поединечните црковни здруженија се различни по својата природа и историја, но сите се важни за животот на Црквата. Тие сведочат за една суштинска вистина: дека никој не може да биде христијанин сам, одвоен од другите. Сите ние сме дел од еден народ, тело основано од самиот Господ.

Без разлика дали овие здруженија се основани со апостолска, добротворна или литургиска цел; дали се стремат да понудат христијанско сведоштво во одредени општествени средини; или пак се родени од харизматско вдахновение — од една првобитна харизма што подоцна го оформила целото движење — тие претставуваат нови форми на духовност и евангелизација.

Христијанскиот живот не се живее изолирано — не е интелектуална или сентиментална авантура, ограничено само на нашите мисли и чувства. Се живее со другите, заедно, во заедница. Зашто воскреснатиот Христос е присутен токму таму — меѓу учениците собрани во Неговото име.

Соработка со Римскиот бискуп

Продолжувајќи го својот говор, папата Лав XIV објасни каков е повикот на сите христијани и ги охрабри да соработуваат со Римскиот епископ.

Единството и мисијата се двата темели на животот на Црквата и двата приоритети на Петровата служба. Затоа, ги повикувам сите црковни здруженија и движења на верници верно и великодушно да соработуваат со Папата, особено во овие две области.

Ширење на единството

Во однос на единството кое има основа во Христос, Папата охрабри проширување на заедништвото кое може да се доживее во различните реалности на црковните здруженија, заедништвото кое самиот Свети Дух го создава во Црквата.

Ширете го насекаде тоа единство што го живеете во вашите здруженија и заедници: во заедништво со пастирите на Црквата и со другите црковни реалности, станувајќи блиски до луѓето што ги среќавате, за вашите харизми секогаш да останат во служба на единството на Црквата и да бидат квасец на единство, заедништво и братство во свет толку разделен од неслога и насилство.

Да се разгори мисионерската ревност

Потоа Светиот Отец се осврна на темата за мисионерството, потсетувајќи се на својот личен пат и особено на службата што ја извршуваше во Перу: „Мисијата го обележа моето пастирско искуство и го обликуваше мојот духовен живот“, рече тој, потсетувајќи ги членовите на црковните здруженија на верници, движењата и заедниците да сведочат за она што самите го доживеале (средба со Господ, нов живот), но и за задачата која им е доверена, односно да го донесат Евангелието до најоддалечените места, најтешките средини, поднесувајќи тешкотии и неуспеси.

Секогаш одржувајте ја жива оваа мисионерска ревност меѓу вас: црковните движења играат фундаментална улога во евангелизацијата денес. Меѓу вас има дарежливи луѓе, добро оформени, со искуство „на терен“. Ова е наследство кое мора да се направи плодоносно, останувајќи внимателни кон денешната реалност со нејзините нови предизвици. Ставете ги вашите таленти во служба на мисијата, како на местата на првата евангелизација, така и во парохиите и локалните црковни структури, со цел да допре до многумина кои се далеку и кои, понекогаш без да знаат, го чекаат Словото на животот.

Сè е благодат

Покрај тоа што се осврна на сегашноста и потребите на Црквата денес, Папата потсети и на Вториот ватикански собор, кој го охрабри здружениот апостолат на верниците, здруженија основани за заедничка апостолска активност, кои ги поддржуваат и формираат своите членови и од кои – како што рече Светиот Отец – можат да дадат многу пообилни плодови отколку кога поединците дејствуваат одделно.

Петровиот наследник потоа ја истакна важноста на реалностите што произлегуваат од харизмата на еден или група основачи, или кои се вдахновени од харизма на монашка заедница, додавајќи дека сето тоа е благодат во Црквата. Тој се осврна и на писмото до епископите Iuvenescit Ecclesia во кое Конгрегацијата за наука на верата објасни дека црковната хиерархија и Светата Тајна ракополагање постојат за да остане благодатта секогаш жива меѓу верниците, која се дава преку таинствата, проповедањето на Словото и пастирската грижа. Од друга страна, харизмите се слободно распределени од самиот Свети Дух, за да може таинствената благодат да вроди плод во христијанскиот живот на различни начини и на сите негови нивоа, и за да може желбата за средба со Христос и копнежот по божествениот живот што Тој ни го дава да се разбуди во срцата на верниците. Поради оваа причина, хиерархиските дарови и харизматските дарови се неопходни за божествениот поредок на Црквата основана од самиот Исус – заклучи папата Лав XIV.

Повикани да го следат Христа

Црковните движења и заедници, кои произлегуваат од харизмите, доведоа многу луѓе поблиску до Христос кои повторно ја открија надежта во животот, го открија мајчинството на Црквата и бараат помош во нивниот раст во верата, во заедничкиот живот, во делата на љубовта, а потоа самите сакаат, евангелизирајќи ги другите, да им го пренесат дарот што го примија – продолжи Папата, додавајќи дека затоа е важно да се има предвид дека харизмата е неопходна за средбата со Христос, за растот и човечкото и духовното созревање на поединците, за изградбата на Црквата.

Сите сме повикани да го наследуваме Христос, кој „стана сиромашен“ за да нè збогати. Затоа, секој што ја споделува апостолската мисија со другите или што носи одредена харизма е повикан да ги збогати другите со тоа што ќе осиромаши за нив. Ова е извор на слобода и голема радост.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот