Папата до украинскиот претседател: Нека престанат непријателствата и нека се постигне праведен и траен мир
За време на телефонски разговор со украинскиот претседател во петокот наутро папата Лав XIV повторно ја изрази својата близина со украинскиот народ.
Папата Лав XIV во петокот наутро, на 3 април 2026 година, телефонски разговараше со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Според соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, „за време на срдечниот разговор, Светиот Отец упати најдобри желби по повод велигденските празници и повторно ја изрази својата близина со украинскиот народ“.
Во соопштението се додава дека „потоа разговарале за хуманитарната состојба, нагласувајќи ја итноста да се обезбеди неопходната помош да стигне до луѓето што страдаат поради судирот“.
Исто така, било спомнато и настојувањето за промовирање хуманитарни иницијативи, особено во однос на ослободувањето на затворениците.
На крајот, во соопштението се наведува дека „повторно била изразена надеж дека, со заложбата и соработката на меѓународната заедница, непријателствата ќе престанат што е можно побрзо и ќе се постигне праведен и траен мир“.
Ватикан њуз/к.мк

