Папата Лав XIV се сретна со семејствата на младите Италијанци кои загинаа или беа повредени во пожар што избувна во ресторан во швајцарски град на новогодишната ноќ. Папата им вети блискост и молитви, заедно со оние на целата Црква: „Љубовта и човечките зборови на сочувство што ви ги упатувам денес изгледаат многу ограничени и немоќни, но Петровиот наследник силно ви повторува дека вашата надеж не е залудна“.
Ви кажувам многу искрено дека сум многу трогнат што ве запознав – вака папата Лав XIV им се обрати на семејствата на загинатите и повредените жртви од пожарот во Кран-Монтана, кои ги прими на аудиенција во Ватикан на 15 јануари 2026 година. Да потсетиме дека трагедијата се случи на новогодишната ноќ, кога пожар што избувна во ресторан во мал швајцарски град уби 40 лица, а повреди уште 116. Додека истрагите за околностите на трагедијата сè уште се во тек, а молитвите и надежите се насочени кон закрепнување на ранетите кои се во болниците, Светиот Отец се сретна со околу дваесет членови на семејствата на младите мажи и жени од Италија кои загинаа или беа повредени во пожарот. На средба исполнета со солзи, тага и сочувство, Папата им се обрати на семејствата со спонтани зборови, нагласувајќи дека сака да најде време да сподели момент кој, среде толку многу болка и страдање, за нив е испит на верата и во што веруваме.
Твојата надеж не е залудна.
Потсетувајќи на прашањето што секогаш се поставува во слични околности – „Зошто, Господи?“ – Римскиот епископ ја носи вечната порака за надежта на Христовото воскресение до мајките и татковците, браќата и сестрите на жртвите. Притоа, тој нагласи:
Не можам да ви објаснам, драги браќа и сестри, зошто такво искушение ве снајде вас и вашите најблиски. Љубовта и човечките зборови на сочувство што ви ги упатувам денес изгледаат многу ограничени и немоќни. Сепак, Петровиот наследник, кого денес дојдовте да го сретнете, ви кажува силно и со убедување: надеж, вашата надеж не е залудна, бидејќи Христос навистина воскресна! Светата Црква сведочи за ова и го навестува со доверба.
Ова е, затоа, соодветен одговор на оние кои минуваат низ моменти на голема болка и страдање предизвикани од фактот дека некои од луѓето што ви се најмили, кого најмногу го сакате, го загубил животот во ужасна трагедија или е на долготрајно болничко лекување, со тело обележано со последиците од страшен пожар што ги потресе срцата на сите луѓе. Покрај тоа, сето ова се случи во најнеочекуваниот момент, на ден кога сите се радуваа и славеа, разменувајќи желби за радост и среќа – рече наследникот на Петар.
Единствениот соодветен збор е зборот на Христос на крстот
Исто како што имаме малку да кажеме, подеднакво е тешко да се пронајде значењето на таквите настани или да се даде одговор на прашањето каде да се најде утеха соодветна на она што го доживувате, охрабрување кое не се состои од празни и површни зборови, туку кое ги допира самите длабочини и буди надеж – нагласи Светиот Отец, повикувајќи ги да го упатат погледот во Синот Божји на крстот кој, од длабочините на својата напуштеност и болка, извика кон Отецот: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?““. Одговорот на Отецот на молитвата на Синот се чека три дена, во тишина. Одговорот е воскреснатиот и прославен Исус кој живее засекогаш во радоста и вечната светлина на Велигден – нагласи Римскиот епископ.
Папата и Црквата се блиски со семејствата
Ништо никогаш нема да може да ве одвои од љубовта Христова, ниту од вашите најблиски кои страдаат или кои сте ги изгубиле – додаде Папата, цитирајќи го Свети Павле. Верата што живее во нас ги осветлува најтемните и најболните моменти од нашите животи со незаменлива светлина, која ни помага храбро да продолжиме да одиме кон нашата цел. Исус ни претходи на овој пат на смртта и воскресението, кој бара трпение и упорност – нагласи Римскиот епископ и додаде: Бидете сигурни во неговата близина и нежност: тој не е далеку од она што го доживувате, туку го споделува и го носи со вас. На ист начин, целата Црква е со вас – рече Петровиот наследник. На крајот, тој ја вети својата молитва и молитвата на Црквата за починатите и за оние кои страдаат, и за самите членови на семејството. Вашето срце е прободено денес како срцето на Марија во подножјето на крстот – рече папата Лав XIV и ги довери присутните на Богородица на тагата:
Таа е со вас во овие денови. Свртете се кон неа со вашите солзи без двоумење и барајте во неа мајчинска утеха што може да ви ја даде. Како неа, во темнината на страдањето, но со сигурност на верата, ќе знаете како трпеливо да ја чекате зората на новиот ден и повторно да пронајдете радост.
Ватикан њуз/к.мк

